Нема доволно податоци за да се препорача комбинација, велат од СЗО по најавата дека Франција планира ревакцинација на лицата помлади од 55 години што ја примиле првата доза на „Астра Зенека“ со вакцина од друг производител
Светската здравствена организација (СЗО) денеска повторно соопшти дека поради недостигот на соодветни податоци, не може да препорача комбинација на различни вакцини против коронавирусот, што Франција го планира при ревакцинацијата на лицата помлади од 55 години што ја примиле првата доза на „Астра Зенека“.
„Нема соодветни податоци врз основа на кои би можело да се каже дали може тоа да се направи, па затоа експертите на СЗО заклучија дека не може да се препорача комбинирање на вакцини во овој момент“,
истакна портпаролката на СЗО, Маргарет Херис, на редовниот брифинг со новинарите во Женева.
Таа нагласи дека таквиот став го усвоила Стратегиската експертска советодавна група за имунизација (САГЕ) во февруари за време на објавувањето на препораките за вакцината на „Астра Зенека“ и пред информациите за евентуална поврзаност со многу ретки несакани ефекти што беа пријавени.
Француските власти неодамна донесоа одлука лицата на возраст под 55 години, кои ја примиле првата доза на „Астра Зенека“, да бидат ревакцинирани со „Фајзер“ или „Модерна“, врз основа на mRNK.
Одлуката се однесува на околу 533 000 лица во Франција, каде што вакцинацијата со „Астра Зенека“ за помлади од 55 години беше прекината на 19 март поради појава на ретка тромбоза во Европа, како несакан ефект од употребата на тој препарат.
Европската агенција за лекови (ЕМА) во средата објави дека индивидуалните случаи на згрутчување на крвта по имунизација со вакцината на „Астра Зенека“ се „ретки несакани ефекти“ на вакцината и не можат да бидат поврзани со возраста, полот или историјата на болести.
Ставот на ЕМА е дека придобивките од вакцината се поголеми од ризиците.
