Новото дебатно издание на емисијата „360 степени“, во кое гостуваат портпаролот на Владата, Душко Арсовски, новинарот на БИРН, Васко Маглешов, и постариот истражувач во Институтот за демократија, Миша Поповиќ, се емитува вечерва (9 април 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Како се трошат народните пари е прашање што треба секојдневно да се поставува во држави уредени според принципите на либералната демократија, каква што според Уставот е и Северна Македонија. Поставувајќи го тоа прашање, колегите од БИРН, една од „вочдог“-организациите во земјава, дојдоа до сознание дека во Генералниот секретаријат на Владата со над 250 вработени, во декември дополнително биле ангажирани 58 луѓе, на кои им се исплатени хонорари од околу 37 илјади евра за еден месец. Проверките покажале дека станува збор за редовен ангажман кој месечно се повторува и хонорира. Но, за разлика од вработените кои на веб-страницата на Владата се објавени со име и презиме, имињата на хонорарците не се откриваат.
Зошто и покрај сите декларирани заложби, но и реални чекори за транспарентност, Владата не сака да ги стави на увид на јавноста имињата на хонорарно ангажираните 58-мина? Има ли нешто што јавноста не треба да знае? За ова разговараме со портпаролот на Владата, Душко Арсовски, авторот на новинарското истражување објавено на порталот „Призма“, Васко Маглешов, и постариот истражувач во Институтот за демократија, Миша Поповиќ.
„360 степени“ почнува во 22 часот на ТВ Алсат.