Од опозициската коалиција велат дека е помалку важно дали патните исправи се издадени во време на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, туку дека ДУИ цело време е во МВР за да овозможи издавање пасоши на криминалци додека Албанците ги остави без државјанство
Зошто ДУИ, која сите овие години е во МВР, молчи за издавањето лажни пасоши на странски државјани, додека лица што со години живеат во земјава не можат да добијат државјанство, прашуваат од опозициската коалиција Алијанса/Алтернатива.
„За коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е помалку важно дали пасошите се издадени во времето на СДСМ, како што вели Мицкоски, или во времето на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели Заев. Но една работа е сигурна – дека ДУИ беше таму цело време за да им овозможи издавање пасоши на криминалците додека Албанците ги остави без државјанство“,
велат од Алијанса за Албанците.
Алијанса за Албанците и Алтернатива апелираат до меѓународниот фактор, ЕУ, НАТО и САД, да извршат притисок врз владините структури, борбата против криминалот и корупцијата и недозволената трговија со наркотични средства да почне од главните во полицијата, обвинителството и судството. Според опозициската коалиција, поддршката и заштитата на бандите доаѓа токму од одредени лица од сегашната влада.
„МВР полесно ги снабдува криминалците со пасоши, бидејќи тие плаќаат со огромни суми пари, отколку своите граѓани кои ги исполнуваат критериумите за добивање на државјанство. Јасно се гледа дека во нашето судство имаме судии и обвинители кои се во служба на бандите, чии пари пристигнале до џебовите на судиите и обвинителите. Истовремено, во одредени полициски структури имаме лица кои за големи суми пари го штитат криминалот, корупцијата и трговијата со наркотични средства, бидејќи ги имаат своите интереси и ги оправдуваат ‘платите’ што ги добиваат од лицата вклучени во криминални дејствија“,
велат од Алијанса за Албанците.
