Еден од најимпозантните репрезенти на модернистичкиот и бруталистички архитектонски стил од повоената ера, на листата на „Европа Ностра“ се опишува како едно од важните сведоштва за заедничкото минато, меморија и идентитет кои се соочуваат со сериозна закана
Зградата на Главната Пошта во центарот на Скопје, дело на ахтитектот Јанко Константинов се наоѓа на листата на најзагрозени споменици и локалитети во Европа за 2021 година.
Листата од седум вакви најзагрозени објекти во Европа ја прави „Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското општество посветено на културното и природно наследство“ и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициoна Банка.

На неа се и Железничката пумпа на пареа во Ахенси во Австрија, Комплексот на гробишта во Мирогој, Хрватска, Петте Јужно-Егејски Острови во Грција, Градината Џусти во Верона, Италија, Манастирот во Дечани, Косово и Капелата Сан Хуан де Сокуева и Ермитаж, Кантабриа, Шпанија.
Целта на оваа листа на 7 -те најзагрозени за 2021 година е да алармира за сериозната закана со која се соочуваат овие локалитети – важни сведоштва за заедничкото минато, меморија и идентитет велат од „Европа Ностра“, чиј борд ја направил селекцијата за оваа година.
Централната пошта е објект со модернистички и бруталистички архитектонски стил од повоената ера, финализиран во 1974 година. Изработен е од армиран бетон, во форма на цвет од лотос за да ја симболизира реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес во 1963г.

Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година. Првичното застаклување на куполите и муралите на Борко Лазески, како и специјално дизајнираните мебел и осветлување, беа целосно уништени или претрпеа сериозни оштетувања.

Објектот е уште повеќе загрозен од неупотреба, засилено со ерозијата предизвикана од покачување на подземните води поради непосредната близина на реката Вардар. Бидејќи зградата се уште е без покрив, таа страда од директната изложеност на атмосферски влијанија со врнежи од дожд и снег кои продираат во целата нејзина внатрешност. До сега многу пати беше ветено дека ќе се санира, ама…
„Oвој извонреден пример на високо експресивна и скулптурална архитектура од 20 век е од витално значење за визуелниот и симболичен архитектонски пејзаж и бруталистички ансамал во срцето на Скопје, како и за наследството на Европа и пошироко. Зградата која служеше како административна шалтерска сала на ‘Телекомуникацискиот и Поштенски центар’ на Федеративна Република Македонија е исто така значајна како симбол на отпорност на периодот на постземјотресот“,
се вели во објаснувањето за значењето на овој објект.
Макета во МОМА
Како една од најрепрезентативните и најпрепознатливите примери за бруталистичка архитектура во светски рамки, и како една од најмаркантните згради на постземјотресно Скопје, макетата од „Македонска пошта“ е изложена во Музејот на модерната уметност во Њујорк (МОМА), во рамки на изложбата „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“, која се однесува на архитектурата во поранешна Југославија која што ја одликуваат бетонски и бруталистички градби.

Ова е прва голема презентација на работата развиена во 45-те заеднички години на поранешната држава, поставена во еден од најдобрите и најпознатите светски музеи на современа уметност.
Лани во ноември, новиот генерален директор на „Македонска пошта“, Јани Макрaдули, објави дека започнува процедурата за реновирање на зградата.
„Заедно со Министерството за култура и другите надлежни институции, ќе продолжиме со интензивирање на активностите од планот за зачувување и ревитализација на опожарениот објект, заради негова валоризација како заштитено културно наследство“,
изјави тогаш Макрадули.