Вакцината против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“ е безбедна и ефикасна кај деца од 12 до 15 години, покажа студијата спроведена на 2 260 доброволци во САД.
Како што соопшти компанијата „Фајзер“, вакцината е 100% ефикасна кај оваа помлада генерација и претставува чекор понатаму за целосна имунизација на луѓето.
Ко-основачот на „Бионтек“, Угур Сахин, вели дека резултатите се одлична вест бидејќи децата од оваа возраст ќе може да се имунизираат и побрзо да се вратат во училиште.
„Првичните резултати што ги видовме во студијата за адолесценти сугерираат дека децата се особено добро заштитени со вакцинација, што е многу охрабрувачки. Многу е важно да им се овозможи на овие деца да се вратат во секојдневниот училишен живот и да може се сретнуваат со пријатели, членови на семејство, а во исто време да не претставуваат ризик“,
рече Сахин.

Поголемиот број на вакцини кои се произведуваат низ светот се наменети за повозрасната популација кои се и најризични од заболување од коронавирусот. За разлика од повеќето вакцини, вакцината на „Фајзер“ во САД е дозволена и за лица од 16 години, а вакцинацијата на деца ќе биде пресудна за целосно стопирање на пандемијата.
Во студијата спроведена на 2 260 доброволци од САД на возраст од 12 до 15 години, прелиминарните податоци покажуваат дека не се појавиле случаи на ковид кај целосно имунизираните адолесценти.
Компанијата „Фајзер“ и нивниот германски партнер „Бионтек“ планираат наредните недели да побараат од американската Управа за храна и лекови дозвола за итна употреба на вакцината кај деца од 12 години.
Наскоро, се очекуваат и резултатите од американската студија на вакцината „Модерна“ спроведена на популација од 12 до 17 години. Во САД, децата сочинуваат 13 отсто од вкупниот број на заразени со ковид-19.
