Совет на судијката Добрила Кацарска ќе го оценува обвинението за случајот „Рекет 2“, кој се однесува на работата на невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Седницата за оцена, велат од Основниот кривичен суд за „360 степени“, сè уште не е закажана.
Советот за оцена може целосно или делумно да го одобри обвинителниот акт или, пак, да го одбие. Ако го одобри, тоа ќе значи дека предметот според електронскиот систем – АКМИС, ќе биде распореден кај судечки совет што ќе треба да го закаже почетокот на судскиот процес. Судечкиот совет не може да биде истиот што го оценувал обвинителниот акт.

Обвинението до Основниот кривичен суд во Скопје беше поднесено на 3 јануари годинава.
Со овој предмет на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција опфатени се: Бојан Јовановски-Боки 13, како прв човек на невладината организација „Меѓународен сојуз“, пратеничката Фросина Ременски, заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Мандиќ, таткото на Боки – Миле Јовановски и асистентката Христина Блажевска. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“, чиј претседател е Боки.
Тој е првообвинет за делата измама и перење пари. За помагање во извршување на првото – измама, обвинети се и Ременски, Мандиќ и Блажевска. За помагање на второто дело, перење пари, со обвинението се опфатени: Мандиќ, Блажевска и Миле Јовановски, кој исто така се товари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. За измама се гони и „Меѓународниот сојуз“.
Измамени две фирми

„Во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од невладината и довел и одржувал во заблуда две оштетени лица. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност“,
пишува во обвинението.
Обвинетата асистентка и Мандиќ, според обвинителството, ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на Боки и со умисла му помагале да ги пушти во оптек, иако знаеле дека потекнуваат од кривични дела. Мандиќ, исто така, иако немало легално покритие, добивала пари од Боки и ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на сметката на „Меѓународниот сојуз“.
Улогата на Ременски, според соопштението од обвинителството, била што таа со својот углед и авторитет го поддржувала Боки на средби со оштетените бизнисмени.
„Третообвинетата со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите“,
наведуваат од Обвинителството.
Ременски се сомнева на политичка елиминација, Мандиќ во заблуда, Боки 13 ја кажал целата вистина?
По поднесување на обвинението, пратеничката Фросина Ременски рече ја коментираше одлуката на обвинителството како избрзана и изрази сомнеж дека некој сака политички да ја елиминира.

„Одлуката на обвинителството е избрзана. Конструкции без докази можат да резултираат со обвинение. Во оваа смешна постапка ќе се види дека реално нема докази за ова за кое што обвинителството ме сомничи. Факт е дека порачките за политички елиминации се уште постојат и овој ден не е случајно избран. Овој процес може да докаже само еден голем апсурд“,
изјави Ременски.
Кога Бојан Јовановски, пак, во декември беше на распит пред да се поднесе обвинението, неговиот адвокат Сашко Дукоски во изјава за медиумите рече дека биле изнесени мноштво факти и била кажана целата ноторна вистина.
„Прилично детална беше неговата изјава, можете да заклучите надвор од какво било разумно сомневање дека за секој основ и зборче што стои во наредбата за истрага се произнесе со мноштво факти, а не ти реков, ми рече“,
рече Дукоски.
Адвокатот на Јасна Мандиќ, Душко Јанковиќ, исто така имаше изјава за медиумите кога заврши распитот на неговата клиентка во декември. Тој рече дека Мандиќ била доведена во заблуда односно не знаела дека некој позади неа крои друг план.
Кацарска бараше изземање од првиот случај „Рекет“ поради Камчеви
Кога беше поднесено обвинението за првиот случај од аферата „Рекет“, којшто судски процес е веќе во тек, а каде Бојан Јовановски е обвинет заедно со поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, предметот се падна за оценка во совет во кој еден од двајцата судии членови беше и Добрила Кацарска. Но, таа во тој случај бараше изземање бидејќи е во блиски пријателски односи со семејството Камчеви, а обвинението се однесува на барање пари од Орце Камчев за да добие повластен третман во „Империја“ каде е осомничен.
При нејзиното последно појавување во јавноста, судијката зборуваше за блискоста со Камчеви и дали ѝ барале правни совети поврзани со предметот „Империја“ или предметот „Рекет“.

„Верувам дека дел од јавноста нема да ми верува, но јас сум судија со долгогодишно судиско искуство и јас секогаш зборувам само со факти и ја зборувам вистината. Орце Камчев има тим од адвокати. Нема потреба мене да ме прашува. Втора работа – верувајте ми дека мене самите тие ме држат на страна и од предметот „Рекет“ и од предметот „Империја“. Не сакаат да ме поврзуваат мене со тие предмети. Значи, лично тие мене ме заштитуваат. Така да, во ниеден момент, ова го тврдам и каде сакате ќе го повторам – во ниту еден момент Орце Камчев не побарал од мене ниту еден правен совет“,
рече Кацарска при гостувањето во „360 степени“ на 12 декември.