Германија нема да ја дава вакцината на „Астра Зенека“ на лица помлади од 60 години, одлучија министрите за здравство на 16 сојузни држави.
Ваквата одлука е донесена на вонреден состанок денеска откако претходно Германската комисија за вакцини (Стико) ја препорача употребата на вакцината против ковид-19 на „АстраЗенека“ само за лицата над 60 години.
Претходно, вакви ограничувања на вакцината на овој производител воведоа локалните власти на Берлин и на Минхен.
Како што пренесе Дојче Веле, одлуката е донесена врз основа на моментално достапните податоци за појава на ретки, но многу сериозни несакани ефекти поврзани со тромбоза.
Комисијата (Стико) соопшти дека ќе издаде упатства што да прават лицата под 60 години кои веќе ја примиле првата доза на „Астра Зенека“, а нивниот термин за ревакцинација е во месец април.
Претходно денеска институтот „Пол Ехрлих“ соопшти дека се регистрирани 31 случај на церебрална тромбоза, за кои се сомневаат дека се случиле по аплицирање на вакцината „Астра Зенека“.
Девет од тие случаи завршиле со смрт и освен во два случаи, сите биле жени на возраст од 20 до 63 години.
Претходно и Канада од истите причини го запре вакцинирањето со „Астра Зенека“ за сите под 55 години.