Ако има масовен бојкот, ќе тонеме и понатаму во калта и ќе тонеме се подлабоко и подлабоко. Ова е единствената земја во светот што не спровела попис 20 години. Ако сакаме овој период да го продолжиме и понатаму и да тонеме подлабоко, тогаш нека повелат сите нека бојкотираат.
Ваква порака испрати директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски на денешната прес-конференција, пет дена пред стартот на пописот на резидентното население во земјава.
„Прашајте ги економските субјекти до каде можеме да тонеме без податоци од попис, прашајте ги сите оние заинтересирани инвеститори дали воопшто ќе размислуваат во оваа држава. Да, болеста зема голем замав, ама ако падне економијата уште повеќе од ова што паѓа заради пандемијата, тогаш не ќе можеме ни да се прехраниме“,
рече Симовски тврдејќи дека тоа што инвеститори се одлучуваат да не инвестираат во земјава во голем дел се должи и на тоа што немаме попис.
Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на повиците за бојкот на одредени субјекти бидејќи, како што рече, пописот е акција што ќе обезбеди податоци за креирање политики за иднината на граѓаните, а не на политичките партии.
„Првпат вака ќе настапам и ќе се обратам директно до Македонците: Ова е единствената држава каде може да се изјасните како Македонци. Пописот е единствената операција која го прибира овој податок, не ја пропуштајте таа можност. Почитувани останати граѓани во државите, Албанци, Турци, Роми, Власи Срби и сите останати: Ја имате таа можност слободно и без никаков притисок да се изјасните онака како што сметате дека треба. Искористете ја таа можност“,
повика Симовски.
Директорот на ДЗС тврди дека не се оправдани стравовите кои се шират дека дополнително ќе се рашири заразата со ковид-19.
„Никој од учесниците во пописот нема да придонесе со ништо епидемијата да се рашири. Знаеме дека се тешки овие состојби, дека ова психолошки влијае негативно на сите. И ние сме луѓе и ние го чувствуваме и психолошки го носиме тоа“,
рече Симовски.
Тој вели дека со оглед дека временските услови се подобруваат, онаму каде што е можно, попишувањето ќе се прави на отворено, а онаму каде што тоа не е можно, ќе бидат запазени сите протоколи и многу повеќе.
„Не слушајте ги овие хушкачи, кои го наоѓаат оној најчувствителен момент за да пропагираат неучество во пописот. Не им се целта заштита на граѓаните, целта им е да нема попис во оваа држава, целта им е оваа држава да тоне во кал што е можно подлабоко, а не да оди напред. Ова е операција која ќе прибере многу податоци кои ќе бидат реална основа за сите оние кои ќе треба да го планираат развојот на оваа држава. Во сите области, економија, здравство, култура, наука итн.“,
рече Симовски.
Симовски вели дека би бил среќен доколку околу 6 000 лица што ќе треба да го спроведат пописот би се вакцинирале и не би имал проблем со пролонгирање на пописот за 15-20 дена во таков случај. Но, нагласува, во моментов нема одлука за пролонгирање и останува тоа дека пописот ќе започне на 1 април.