Државниот инспекторат за животна средина информира дека на 20 март до надлежниот инспектор во Гостивар била доставена информација од полицијата за излевање темна супстанција во Дебарско Езеро, која предизвика изумирање на жив свет во езерските води. Инспекторот дал насоки на полицијата за правилно земање мостри од езерото и од соодветни локации по должина канализациската мрежа.
Мострирањето, односно земањето примероци, било спроведено во текот на денот.
„На 22 март Инспекторот беше на терен со началникот на Одделението за внатрешни работи во Дебар, го подготвија и го предадоа предметот до Основното јавно обвинителство во Дебар“,
соопшти ДИЖС.
Оттаму информираат дека Јавното обвинителство итно ќе издаде налог за анализа на земените мостри од страна на акредитирана лабораторија, што ќе овозможи откривање на сторителот, односно изворот на загадувањето.
Ова следува откако спортски риболовци алармираа дека кај месноста Венец е излеана голема количина мазут. Случајот во изјава за МИА тогаш го потврди и градоначалникот Хекуран Дука, кој рече дека е пријавено до Одделението за внатрешни работи, а претставници на општината извршиле увид.
За делото опишано во Кривичниот законик во членот 218, за загадување на животната средина и природата, предвидена е казна затвор во траење од четири до десет години или парична казна.