Општина Струга нема никаков проблем со заштита на природното и културното наследство и нема градби во заштитената зона, уверува градоначалникот Рамиз Мерко по најавите на министерката за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска, дека ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање ингеренции на општините Охрид и Струга за, како што рече, немањето волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано на листата на УНЕСКО.
„Повеќе пати сум изјавил и сега истото го кажувам, дека ние немаме никаков проблем со заштита на природното и културното наследство. Целосно е запазена зоната покрај езерото да нема градби, ниту диви ниту со дозвола. Во тој предел и не смееме да дадеме одобрение за градење. Одговорни сме и во никој случај не го загрозуваме природното и културното наследство за зачувување на статусот во УНЕСКО“,
изјави Мерко.
Пред повеќе од една година, Општина Струга побара ослободување од ингеренциите во областа на урбанизмот, но од Министерството за транспорт и врски доби одговор дека за тоа не постои законска можност.
Министерката за култура Ирена Стефоска пак, пред неколку дена порача дека Владата треба да им ги одземе ингеренциите на општините Охрид и Струга во делот на заштитата на културното и природното наследство поради непридржување кон стандардите на УНЕСКО.
„Очигледно дека општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО. Оттаму, ќе иницирам пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини. Во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј- Охрид како и Управата за заштита на културното наследство“,
рече Стефоска.