Ова е прво појавување на Камчев во јавноста од притворањето
Бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во две финансиски истраги, „Плацови на Водно“ и „Империја“, денеска се појави во Основниот кривичен суд во Скопје каде што треба да сведочи во предметот „Меѓународен сојуз“.

Во судот претходно дојдоа и првоосомничениот во случајот, Бојан Јовановски и Фросина Ременски, а како јавност во судницата се присутни и адвокатот Тони Менкиновски и Наташа Савова.


Сведочењето на бизнисменот беше најавено на минатите судски рочишта за овој случај и ова е негово прво појавување во јавноста по притворањето во неделата.
Во случајот „Меѓународен сојуз“ првообвинет, како претседател на истоимената невладина организација, е Бојан Јовановски-Боки 13, кој се товари за делата измама и перење пари. На обвинителна клупа се и Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и асистентката на Боки, Христина Блажевска, кои се обвинети за помагање во овие дела, како и експратеничката Фросина Ременски, која се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице, обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца познати бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра – Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.
Ова нема да биде прво сведочење на Камчев во предмет против Бојан Јовановски. Бизнисменот беше и еден од клучните сведоци во аферата „Рекет“ каде што неправосилно Јовановски е осуден на 9, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 години затвор. Тој предмет се однесуваше на тоа што, според теоријата што ја застапуваше обвинителството, од Камчев биле барани пари за тој да добие повластен третман во „Империја“, каде што е осомничен.
- Судење за „Рекет“ – чин втори: Сведочење на Камчев (ВИДЕО)
- Одбраната на Јанева за Камчев: Дали нападот е најдобра одбрана?
- Пресуда за „Рекет“: 9 години затвор за Боки, 7 за Јанева
„Империја“ сè уште е во фаза на истрага, повеќе месеци документите од овој предмет се на финансиско вештачење, додека случајот „Плацови на Водно“, каде што тој исто така е осомничен, неофицијално е пред обвинение.