Освен напливот на пациенти со компликации, проблем претставува и недостигот од медицински сестри поради големиот број заболени меѓу нив
Општинските болници во Софија се пред колапс поради исклучително зголемен број новозаразени со ковид-19, јавуваат локални медиуми.
Во главниот град на Бугарија, како што пренесува МИА, над 75 отсто од креветите во болниците се со пациенти заразени со коронавирусот.
„Ситуацијата е сериозна и се доближуваме до критичната точка. Имаме само 12 слободни кревети, а вчера отпуштивме 26 луѓе кои оздравија“,
изјавил Борил Петров од една од болниците во Софија за локални медиуми.
Здравствените власти најавија дека ќе се зголеми бројот на кревети за 20 отсто за евентуално нови пациенти со ковид-19.
Болниците во Софија имаат и голем проблем со недостиг од медицински сестри поради високиот број заболени меѓу нив.
Во изминатите 24 часа има 4 374 нови случаи на инфекција со коронавирус во Бугарија. Бројот на смртни случаи е 107.
Хоспитализирани се 7 600 лица, а 612 се на оддели за интензивна нега. Активни случаи на инфекција се 47 173, а во последните 24 часа се вакцинирани 4 287 лица.