Блокадата ќе трае два часа, до 15:30 часот. Протестот предизвика метеж од автомобили на автопатот. Демонстрантите бараат итно да се стопира ископот на песок и чакал во Средно Коњари
Во Средно Коњари концесионерот ископува песок и чакал, како да добил поттик од институциите, а не ревизија на неговото работење, реагираат жителите кои денеска во знак на протест го блокираат автопатот Миладиновци-Штип, на приклучокот кај село Средно Коњари.
„Бараме да престанат до работа додека трае процесот на Државниот инспекторат за животна средина. Како да им даваат инфузија, се полнат камионите постојано. Тие добија сила уште повеќе. Како тргнале, ако продолжат да црпат песок вака, за 20 дена до куќите ќе ни дојдат“,
вели за „360 степени“, Халим Алими, жител на Средно Коњари.
Блокадата на автопатот ќе трае два часа, до 15:30. Протестот предизвика метеж од автомобилите кои беа затечени на автопатот.
Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) вчера соопшти дека ангажирал овластена геодетска фирма и, по неколку неуспешни обиди изминатиот месец, конечно направиле теренски мерења на локацијата во скопско Средно Коњари, каде што со години се врши ископ на песок и чакал. Проверките доаѓаат откако Инспекторатот доби првични податоци од Управата за хидрометеоролошки работи дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња. Инспекторатот најавува дека ќе се прави нов елаборат.
Минатиот месец спорната локација, каде што непосредно до реката Пчиња се врши ископ, ја посетија директорката на ДИЖС, Ана Петровска, министерот за животна средина Насер Нуредини, како и вицепремиерот Љупчо Николовски. Тогаш беа соопштени првите наоди на УХМР. Освен тоа, Петровска кажа дека е утврдена и недоследност при доделувањето на дозволата за експлоатација во 2019 година. Дадена е според Правилник за формата и содржината на елаборати од 2009 година, иако нов таков документ е донесен во 2014.
Случајот на површински ископ на песок и чакал меѓу селата Долно и Средно Коњари во Општина Петровец е во фокусот на медиумите, особено поради сплотеноста и жестоките реакции на локалното население кое се противи на тоа. Жителите со години испраќаат дописи до надлежните институции и масовно протестираат со барање да се укине концесијата, зашто стравуваат од поплави и загадување на подземните води. Бараа власта на највисоко ниво да се вклучи во одбрана на природните ресурси.
Концесијата ја има фирмата „Еуро прогрес“, чиј управител Ќазим Османовиќ по секое обвинување на жителите тврдеше дека во денешно време ниту дете не може да поткупите да молчи ако се работи незаконски и најави дека ќе бара институционална заштита од соселаните. Но, соселаните не му се плашат. Овде се организираа протести и во екот на пандемијата.

Директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска уште во декември ненајавено ја посети локацијата и на самото место констатира дека загриженоста на локалните жители е оправдана и посочи низа нерегуларности во работењето на концесионерот.