На прашање дали е задоволен од владеење на правото, шефот на државата кратко одговори со „Не“, а понатаму зборувајќи на оваа тема порача дека функционерите, вклучително и тој, ги разочарале „шарените револуционери“. Клучниот проблем, рече претседателот, е во тоа што законите не важат за сите исто
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашното гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 порача дека случајот со бегството на ексдиректорот Сашо Мијалков во пресрет на пресудата за „Таргет-Тврдина“, треба да се расчисти. Неговите информации од официјалните институции се само дека тој не ја поминал државната граница.
„Само информациите од официјалните органи, зборувам за МВР и Јавното обвинителство, сè друго се шпекулации или вербално пренесени информации. Според тоа што тие институции го тврдат, тој не побегнал од државата, не ја поминал државната граница. Тоа е она што го знам на ниво на официјална информација, сето друго допрва треба да се прецизира. Ако е тоа така, каде бил? Кој му помогнал да биде и таму каде што бил во тој вакум во којшто беше отсутен“,
рече Пендаровски.
На прашање дали е задоволен од владеење на правото, шефот на државата кратко одговори со „Не“, а понатаму зборувајќи на оваа тема порача дека функционерите, вклучително и тој, ги разочарале „шарените револуционери“. Клучниот проблем, рече претседателот, е во тоа што законите не важат за сите исто.
„Јас бев носител во првата изборна единица и зборував секојдневно дека ’нема правда нема мир‘, со месеци марширавме по улици итн. Тоа беше главниот слоган на Шарената револуција. За жал, тие луѓе, посебно тие шарени револуционери, пред сè, граѓани кои немаат чиста партиска афилијација, ние, јас, ги разочаравме. Јас не бегам од тоа. Мотивите се многубројни, секој од нас треба да ја земе одговорноста, да се погледнеме во очи, да каже ’Не испорачавме правда‘. Инсистирам, разговарав и со господинот Маричиќ, и со Љупчо Николовски, им реков, продуцираат методологија за прочистување, стратегија за борба против корупцијата … се тоа е добро, но ние изминативе 30 години имаме супер инфлација од документи, нам ни треба практична имплементација на тие документи. Со години тврдам, ние не сме на ова дереџе затоа што немаме добри закони … Законот го има ама законот важи едно за тебе, друго за мене, а за некого ич не важи. Тоа е нашиот проблем“,
рече Пендаровски.
