Орце Камчев односно „Орка холдинг“ и Цветан Панделески со своја фирма од Бугарија ја купуваат „Пелагонија енерџи“ која, пак, е во сопственост на нивниот Земјоделски комбинат „Пелагонија“, објави „Телма“.
Предлог-одлуката е објавена на интернет-страницата на Македонската берза, а треба да се усвои на акционерското собрание на ЗК „Пелагонија“ кое е закажано за 20 февруари. Понудената цена е 23,5 милиони евра.
„Пелагонија енерџи“ произведува електрична енергија од органскиот отпад што го произведува комбинатот „Пелагонија“ и има позитивна и вносна иднина во енергетскиот бизнис.
Уште во август беше објавено дека ЗК „Пелагонија“ сака да ја продаде својата фирма ќерка „Енерџи“. Во комбинатот, „Орка холдинг“ и Цветан Панделески имаат по 20 проценти од акциите и поради тоа нема да учествуваат во гласањето на предвиденото акционерско собрание бидејќи двајцата ја поседуваат бугарската фирма „Тиор“, која сака да го откупи енергетскиот производител. На тој начин сопствениците ќе останат исти, освен што сега наместо во Македонија, сопственичките права и профитот Камчев и Панделески ќе ги користат од адреса во бугарскиот главен град Софија.
Покрај тоа, со продажбата „сам на себе“ Камчев и Панделески преку „Пелагонија енерџи“ ќе бидат и сопственици на дел од млекарницата „Здравје Радово“, како што стои во податоците на Централниот регистар.
За оваа атрактивна бизнис-зделка ќе одлучуваат останатите акционери во ЗК „Пелагонија“, а 40 отсто од акциите на Панделески и Камчев нема да имаат претставник на собранието.
Триесет отсто од акциите во ЗК „Пелагонија“ поседуваат вкупно 637 акционери и фирми. Нивниот процент на сопственост е помал од 5 отсто од вкупната вредност на комбинатот. Најголемиот процент од над 22 проценти во „Пелагонија“ има компанијата „Софија градба“ во чија сопственост, пак, влегува синот на Сашо Мијалков преку „Бест веј инвест“, а над 7 проценти удел има и Ненад Јосифовиќ.
Сите имиња на големите акционери во ЗК „Пелагонија“, покрај поранешното блиско другарување во бизнисот, но и надвор од него, ги поврзува уште една работа – истрагата „Империја“ што ја отвори СЈО, а сега е префрлена во државното обвинителство.
Во истрагата „Империја“ од СЈО најавуваа дека ќе ја вклучат и фирмата ЗК „Пелагонија“ која сега ја продава својата фирма за 15 пати поскапа цена од изнудениот рекет. Од обвинителството за „Телма“ не одговориле до каде е истрагата „Империја“ и дали ЗК „Пелагонија“ е вклучена во неа. Зделката меѓу бугарски „Тиор“ и македонска „Пелагонија“, иако и двете имаат исти сопственици, ќе биде реализирана кога фирмата што се продава, „Пелагонија енерџи“, ќе им ги врати долговите на скопската Стопанска банка и на НЛБ банка.