Претседателот Стево Пендаровски очекува да се формира влада веднаш по изборите и најавува дека е подготвен да придонесе во тој процес со доделување на мандатот онака како што предвидува Уставот.
Пораките на претседателот доаѓаат на помалку од три месеци од новите избори откако по претходните во декември 2016 година токму од Вилата Водно доаѓаше блокадата за формирање влада. Тогашниот претседател Ѓорге Иванов одбиваше да му го додели мандатот на Зоран Заев и бараше гаранции од него откако Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не успеаја да стигнат до парламентарно мнозинство.
„Од преодната влада очекувам изборите да ги организира во фер и демократска атмосфера, а од партиите очекувам одговорно однесување, онака како што доликува на една организирана демократска држава, членка на НАТО и идна членка на Европската Унија. Исто така, очекувам веднаш по завршувањето на изборите брзо да се формира владата и во таа насока јас сум подготвен да придонесам со доследно почитување на уставните одредби при доделувањето на мандатот. Интересот на сите граѓани на оваа држава, без разлика која политичка опција ја поддржуваат, е без застој да продолжат реформските и интегративните процеси“,
рече Пендаровски.
Тој овие пораки ги упати вчеравечер во говорот на приемот за претставниците на дипломатскиот кор кои се акредитирани во земјава.
Претседателот порача дека, независно кој ќе победи, очекува да се продолжи со реформите, но и по патот на добрососедството, односно со заемно почитување на Преспанскиот и на Договорот со Бугарија.
Пендаровски зборуваше и за НАТО и за ЕУ, апелирајќи земјава да добие датум за преговори до крајот на март.
„Очекувам и апелирам новата методологија за водење на преговорите да биде усвоена најдоцна до крајот на март 2020 година, а паралелно со усвојувањето на методологијата да биде донесена и одлуката за доделување датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и соседна Албанија. Преговорите нам не ни се потребни како политички трофеј, туку како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии“,
рече Пендаровски.
За НАТО, пак, посочи дека годинава ќе станеме членка и ќе ги споделуваме привилегиите и обврските со сојузниците, а тој како врховен командант е подготвен да се залага да се достигне стандардот од буџетот да се одвојуваат 2 отсто за одбраната.
За земјите што се надвор од Алијансата, пак, Пендаровски рече дека нема ниту една причина да бидеме резервирани во односите со нив и дека дијалогот и соработката треба да ги градиме врз основа на легитимните економски интереси.