Премиерот ја пресретна опозицијата, која во последниот период постојано најавува уривање на Владата преку формирање ново мнозинство
Собранието да гласа за доверба на Владата, побара попладнево премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, нарушувајќи го сценариото за новата пленарна седница уште пред утврдувањето на дневниот ред.
„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоа“,
рече Заев.
Според член 217 од собранискиот Деловник, Собранието гласа за доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа. Претседателот на Владата и пред гласањето, како што е наведено во овој член од Деловникот, има право да му се обрати на Собранието.
Во Собранието денеска, како што соопшти спикерот Џафери, се сите 62 пратеници од мнозинството.
Според член 92 од Уставот, доколку на Владата ѝ биде изгласана доверба, истото прашање не може да се постави во наредните 90 дена. Во случај, пак, да ѝ биде изгласана недоверба, Владата треба да поднесе оставка.
„Ред е да се соочиме и да расчистиме, да го видиме на дело тоа толку многу најавувано наводно мнозинство од опозицијата кое наводно ќе ја падне оваа владa. Oва е моментот кога ќе им покажеме на граѓаните колку има вистина во зборовите на опозицијата. Ова е моментот да видиме за што, всушност, станува збор – за стабилна власт со стабилно парламентарно мнозинство или за разнишана опозиција. Мора да е едното од двете, ако не и двете заедно“,
рече Заев во кусото обраќање пред пратениците.
Како што рече Заев, покрај сите обиди за опструкции и блокади од лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните секој ден се изложени на лажни вести и дезинформации за некакво, како што вели, ново непостоечко мнозинство, за некоја нова нестабилност и што ли уште не.
„Само поради внатрепартиски цели во ВМРО-ДПМНЕ упорно се пласираат лаги, со цел да се да се создаде перцепција на несигурност кај граѓаните, на неизвесност за економијата… Сепак, како и секогаш, вистината е најсилното оружје против лагите, лажните вести и невистините. Парламентарното мнозинство, јас, владата и коалицијата нема да дозволиме неизвесност, несигурност, сопки, блокади и опструкции“,
нагласи Заев.
Во изминатите три децении плурализам, речиси сите македонски влади поминуваа низ тестови на доверба. Но ова е прв случај претседател на влада сам да побара да се гласа доверба на неговиот кабинет. Досега беше практика иницијативите за гласање доверба на влада да ги поднесува парламентарната опозиција, за што е предвидена сосема поинаква процедура во споредба со таа кога прашањето ќе го постави премиерот на собраниска седница.
Гласањето за доверба на Владата се очекува да се спроведе попладнево, по завршувањето на паузата што ја даде Џафери, по барање на коалицијата „Алијанса/Алтернатива“, а откако Заев го соопшти барањето.