И покрај најавите на ВМРО-ДПМНЕ за ново мнозинство и за гласање (не)доверба на Владата, денеска во собраниската сала се појавија сите 62 пратеници од владејачките партии, а меѓу нив е и премиерот
Премиерот Зоран Заев се појави сосема неочекувано на денешната собраниска седница, што предизвика различни шпекулации во собраниските кулоари, но и реакции кај опозицијата уште при утврдувањето на дневниот ред.
Спикерот Талат Џафери ја прекина предмалку седницата и даде еден час пауза откако тоа го побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Мицевски реагираше дека Џафери не му дава предност за процедурална дискусија, откако право на збор прв доби премиерот Заев.
Џафери објасни дека во ситуација кога премиерот бара збор тој има предност. Реагирајќи на метежот што се создаде во салата по реакциите на Мицевски, Џафери забележа дека опозицијата е нервозна затоа што не очекувала дека денеска во собраниската сала ќе бидат сите 62 пратеници од мнозинството.
По речиси едномесечно паузирање со пленарни седници, освен пратеничките прашања на крајот на февруари, Собранието од вчера се врати во „функција“. Но, за разлика од вчера, кога повторно немаше кворум за гласање, и покрај „враќањето“ на не толку активните пратеници на ДУИ, овој пат во собраниската сала се сите пратеници од мнозинството, што е своевидно изненадување – исто како и ненајавеното појавување на Заев во законодавниот дом.
И покрај континуираните најави на ВМРО-ДПМНЕ во последниот период за формирање ново парламентарно мнозинство, па и за гласање (не)доверба на владата на Заев, денеска, според Џафери, во собраниската сала се појавија сите пратеници од владејачките партии.
Меѓу пратениците уште од самиот старт на седницата е и премиерот. Откако по 15 часот ќе продолжи седницата, се очекува Заев да се обрати пред пратениците.