Заев рече дека сериозно ги зеле предвид забелешките на „Транспаренси интернешнл“, а со овој план ќе ги охрабрат граѓаните и медиумите гласно да зборуваат за корупцијата, со цел воспоставување ред, правда и дисциплина
Вицепремиерот Николовски најави и измена на десетина закони со цел да се олесни процедурата за вадење изводи и документи
Обемен антикорупциски план со многу точки и чекори, кој им дава задолженија и обврски на институциите, најавија денеска премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Љупчо Николовски. Велат дека планот е производ на политичка волја и дека со него треба да се демонтира корумпираниот систем наследен од претходната влада на Никола Груевски.
Антикорупцискиот план бил усвоен на денешната редовна седница на Владата.
Заев потенцираше дека сериозно ги зеле предвид забелешките на „Транспаренси интернешнл“, а со овој план ќе ги охрабрат граѓаните и медиумите гласно да зборуваат за корупцијата, со цел воспоставување ред, правда и дисциплина.

„Одлучни сме и дојдено е времето во целост да ги демонтираме режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да ги воздигнеме службите кои чесно им служат на граѓаните. За ваквите злодела, против претходната криминална власт, денеска се водат судски постапки, некои се осудени, некои сè уште се судат. Додека тие одговараат пред лицето на правдата, ние продолжуваме со демонтажа на нивните остатоци во системот“,
рече Заев.
Тој најави дека наскоро ќе има унифицирани веб-страници на министерствата кои ќе бидат услужно ориентирани и според највисоките стандарди за транспарентност, како и дигитализација на Јавното обвинителство, како и истражните центри во рамки на основните јавни обвинителства, заедно со Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„Се воспоставува и електронски систем за инспекција ‘Е-инспектор’ кој овозможува електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби под јурисдикција на Инспекцискиот совет, а со овој систем значително се елиминира човечкиот фактор и субјкетивниот пристап во водењето на предметите“,
рече Заев.

Додаде дека укажувачите ќе бидат подобро заштитени, а сите институции ќе мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени за постоење евентуална корупција.
„Ако која било граѓанин не е соодветно услужен или заради услугата која му следува е вовлекуван во корупција, тогаш службеникот треба да биде пријавен и тој ќе биде соодветно истражен, како и соодветно казнет“,
рече Заев.
Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски најави и измена на десетина закони со цел да се олесни процедурата за вадење изводи и документи.
„Целосно ќе се дигитализираат трите книги што ги води Управата за водење на матичните книги и нема повеќе чекање на шалтери. За подобрување на услугите на граѓаните и фирмите, во полна функција се става Централниот регистар на население каде што на едно место ги има сите податоци за граѓаните. На овој начин, ќе се укине процедурата за вадење различни документи и изводи за која било постапка, институциите ќе можат да проверат, а не граѓаните постојано да вадат изводи. За ова ќе се изменат десетина закони“,
рече Николовски.
Николовски најави и измени на Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, каде што ќе се допрецизира судирот на интереси во делот кој се однесува на вршење на две или повеќе јавни функции, наведување на сите лица кои треба да достават анкетен лист до Државната комисија, како и проширување на надлежностите на истата во делот на носење и спроведување на планот за интегритет.
„Ја подигнуваме свеста кај сите органи на државната управа, јавните претпријатија и јавните установи да подготват антикорупциска годишна програма со прецизни активности кои опфаќаат анализа на различни области на корупцијата, недостатоци во законите, евентуални причини и фактори на корупција, како и мерки за јакнење на алатките за транспаретност и отчетност“,
рече Николовски.
Во подготовка е имплементацијата на препораките од домашните и странски невладини организации во насока на измена и промена на прописите за административните службеници и вработените во јавниот сектор, најави Николовски.
„Се подготвува и анализа на содржината и на спроведувањето на етичкиот кодекс на административните службеници. Бројот на членовите на управни одбори нема да може да биде поголем од пет члена, а при изборот на членовите на УО квалификациите на кандидатот мора да кореспондираат со дејноста на институцијата“,
додаде тој.