Во С Македонија сè уште не е детектиран јужноафриканскиот сој на коронавирусот, но според анализите на лабораториите на болницата „Жан Митрев“ и МАНУ, 70 проценти од заразените се од британскиот сој.
Ова го кажа министерот за здравство, Венко Филипче, во изјава за Канал 5. Според него, зголемениот број на заболени со ковид-19 е бидејќи британскиот сој многу побрзо се шири.
„Се случува нешто и во околните земји како Албанија, Србија. Имаме зголемен број пациенти посебно во некои градови. Навистина се зголеми бројот и на хоспитализирани пациенти во болниците во Кавадарци и Прилеп, тука некаде беше со истата динамика и приемот на пациенти во болницата во Охрид. Во другите градови ситуацијата е прилично мирна и стабилна“,
рече Филипче.
Во овој момент, нагласи тој, имаме сосема доволен број болнички капацитети, а веќе се на располагање и ковид-центрите низ градовите во внатрешноста.
Филипче, засега не најавува нови рестрикции.
„Ситуацијата е таква да немаме онаков нагол раст на кривата како што имаше во месец ноември и сметаме дека засега мерките се добри. Училиштата со овој режим на работа, ограничената бројка на деца во градинките. Така што ја следиме ситуацијата динамично. Имаме пораст посебно во некои градови на факторот на преносливост, но засега остануваме со истите превентивни мерки“,
рече Филипче.