Амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во неделното интервју на Радио Слободна Европа (РСЕ) вели дека Бугарија немала поддршка од другите земји членки на ЕУ во блокада, но порачува и дека тоа прашање мора да се реши за да може да се планира првата меѓувладина конференција.
„Сите земји членки беа согласни дека треба да се одржи првата меѓувладина конференција. Сите, и тоа треба да е јасно. И да, Бугарија беше сама. Но, сепак тоа е прашање кое треба да се реши, не од ЕУ, туку помеѓу Бугарија и Северна Македонија. Кога тоа ќе се случи можеме да тргнеме напред. И тогаш можеме да го планираме датумот за првата меѓувладина конференција. Уште еднаш, многу поважно е во меѓувреме земјата да продолжи да ги спроведува реформите. И тоа е единствената работа која ќе ве внесе во Европската унија“,
вели Коп.
Тој вели дека Холандија на бугарските условувања гледа како и сите други членки на Унијата односно дека тоа се билатерални прашања кои немаат место во преговарачката рамка и земјите треба да ги решат таквите прашања пред да станат членки.
Коп порачува и дека нема потреба да се прави драма и не може да предвиди кога би се случила првата меѓувладина конференција.
„Прашањето не е дали Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ, туку кога? И ќе видите дека во некои области оди побрзо од очекуваното или побавно од колку што очекувате. Според мене, нема потреба да се прави драма од секоја пречка на патот. А јас ја гледам позицијата на Бугарија како пречка на патот. Не можам да предвидам кога точно ќе се случи меѓувладината конференција, дали за време на португалското претседателство, се надевам дека тоа ќе се случи. Но, важното е да не се разочарувате секој пат кога има пречка на патот, продолжете натаму, спроведете ги реформите и ќе ве поздравиме како членка“,
вели холандскиот амбасадор.
Целото интервју можете да го погледнете ТУКА.