По изрекувањето на пресудата за „Таргет-Тврдина“, обвинителката Ленче Ристоска побара куќниот притвор на Сашо Мијалков да му се замени со ефективен притвор. Наведе неколку причини за тоа.
Една од нив е тоа што МВР испратило известување дека не поседува техничка опрема за 24-часовен видео и електронски надзор.

„Понатаму, од Европол се потврдени податоците дека има дозвола за престој и регистрирана адреса во Прага, Чешка, каде што има и две возила на свое име, а предлагам да се цени и фактот дека се работи за човек кој е добро ситуиран, поседува приватни бизниси, исто како и членовите на неговото семејство, и сето тоа му овозможува да организира логистика и комотно да живее во странство“,
рече Ристоска и му достави на судот извештај од тековните состојби на фирмите на Мијалкови.
Ексшефот на УБК доби 12 години затвор како единствена казна за три кривични дела во „Таргет-Тврдина“: злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и овластувања и примање награда за противзаконско влијание.
Покрај за Мијалков, Ристоска побара притвор и за Тони Јакимоски, кој доби 6 години затвор, што според неа може да ја зголеми опасноста од бегство со оглед дека има неправилноста затворска казна и во друг предмет.
Обвинителката побара притвор и за бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кој ќе важи од моментот кога ќе им бидат достапни на органите на прогонот.
Еден од адвокатите на Мијалков, Љупчо Шврговски, пак, приговараше и побара судот да го одбие предлогот за притвор потенцирајќи дека не е вина на Мијалков што МВР нема технички можности за 24-часовен надзор, како и дека неговиот клиент со ништо не покажал дека ќе избега. Мијалков немаше што да додаде, само посочи дека останува на кажаното од адвокатот.