Судскиот процес за предметот ТНТ, утрово во Основниот кривичен суд во Скопје започна од почеток.
Обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, утрово сам дошол во судот на рочиште за предметот ТНТ откако вчера судијата Огнен Ставрев издаде наредба присилно да биде донесен во судница. Наредбата тој ја издаде зашто Трајковски вчера не се појави на рочиште, а објаснувањето на неговиот адвокат Јовица Страшевски беше дека не добил покана.
Меѓутоа, Трајковски и Страшевски дојдоа со медицинска документација дека обвинетиот не е способен да присуствува на рочишта и дека има терапија.
Обвинителот Бурим Рустеми, поради здравствената состојба на ексградоначалникот, побара да се раздвои судењето за него во посебна постапката поради економичност и ефикасност.
На ова се спротивставија адвокатите. Страшевски рече дека состојбата на Трајковски нема да трае вечно туку дека ќе биде подобар, додека адвокатите на другите обвинети рекоа дека не треба да се раздвојува постапката поради поставеноста на обвинителниот акт во кој дејствијата на обвинетите се поврзани.
Судењето е во тек, во моментов сè уште траат приговорите на одбраната против предлогот на обвинителот. Судечкиот совет потоа треба да донесе решение. По одлуката на судот дали ќе се раздвои судењето, се очекува одбраната потоа да се изјасни и дали ќе се согласи наместо да се изведуваат сите докази одново тие само да се прочитаат и да се заштеди на време.
Во предметот ТНТ обвинети се вкупно седум лица. Меѓу нив, покрај Трајковски, се и поранешниот министер Миле Јанакиески, избеганиот експремиер Никола Груевски и уште четири лица кои во 2011 учествувале во процесот на уривање на комплексот „Космос“.