По петгодишна пауза од политичките активности, Муса Џафери се појави во јавноста во друштво со градоначалникот на Сарај и шефот на пратеничката група на ДУИ, кој во последните месеци не ги крие несогласувањата со првиот вицепремиер Груби, моментно најблизок соработник на Ахмети
Муса Џафери, некогаш најблизок соработник на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и еден од најдолговечните вицепремиери во повеќе влади, по околу пет години отсуство од политичката сцена и политичките збиднувања во земјава, вчера имал неформална средба со координаторот на пратеничката група на интегративците Изет Меџити и со пратеникот Исмаил Јахоски, според фотографија што ја објави на својот фејсбук-профил градоначалникот на Сарај Блерим Беџети, над која напиша „Заедно“.
Меџити и Беџети се сметаат за предводници на скопското крило на ДУИ, кое е во конфликт со најистурените министри од оваа партија – првиот вицепремиер Артан Груби и шефот на дипломатијата Бујар Османи. На масата се и синот на пратеникот Јахоски, како и неговиот брат Алија Јаоски, новиот градоначалник на Пласница.
Беџети, кој беше во судир со претходната влада на СДСМ и на ДУИ, поради дивите платформи на Матка, ја објави фотографијата од дружењето вчера вечерта, откако претпладнето претседателот на парламентот Талат Џафери не негираше дека во одредени случаи кворумот во законодавниот дом виси и поради отсуство на пратеници од неговата партија, а не само поради опозицијата.
Анализата на „360 степени“ покажа дека Меџити, иако е координатор на пратеничката група на владејачката ДУИ, е меѓу најнеактивните пратеници во овој собраниски состав, во периодот од август до декември минатата година. Тој има повеќе отсуства и од партискиот лидер Али Ахмети, кој во овој парламентарен состав многу почесто од порано се појавува во пленарната сала, со оглед на проблемите со кворумот со кои се соочува мнозинството.
Јахоски, пак, кој речиси 2,5 децении беше градоначалник на Пласница, веднаш по влегувањето во парламентот, ја заинтригира јавноста, кога беше пријавен како независен пратеник, иако ја доби функцијата од листата на ДУИ во петтата изборна единица, каде што носител беше Талат Џафери. Но „техничката грешка“ набрзо беше исправена.
Спикерот Џафери изјави вчера дека нема најави од пратеници на ДУИ за евентуално формирање нова пратеничка група. Таборот на ДУИ во парламентот сега брои 15 члена, а дел од пратениците, предводени од Меџити, го почнаа овој мандат со манифестација на незадоволство од предлозите за нови министри, посебно за Груби, кој стана прв вицепремиер и за Османи, кој ротираше од вицепремиер за европски прашања во министер за надворешни работи.
Муса Џафери, пак, кој важеше за десна рака на Ахмети, додека беше вицепремиер за Рамковен договор во сите влади, почнувајќи од 2002 до 2016 година (со исклучок на периодот 2006-2008, кога ДУИ беше во опозиција), го снема од политичката сцена откако, за време на првата техничка влада (пред изборите во 2016 година) сите министри и заменици на ДУИ поднесоа оставки. По петгодишна пауза, Беџети објави фотографија со Џафери, но и со двајца од пратениците на ДУИ во овој состав.
Ниту еден од поранешните и сегашни функционери на ДУИ кои се на вчерашната фотографија не можат да се забележат на фотографијата од одбележувањето на роденденот на Ахмети во новите простории на Министерството за политички систем, кое го предводи Груби.