Донесовме стратегија за даночни реформи и се отвора и оваа дебата, изјавил во Брисел министерот за финансии, по повеќе од една година од „мораториумот“ за праведниот данок
Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој престојуваше овие два дена во Брисел на средби со европски комесари, во изјава за МИА потврдил дека Владата прифатила да се отвори дебата за реформа на даночниот систем, вклучително и за прогресивниот данок
Бесими вчера и денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, еврокомесарот за буџет Јоханес Хан и еврокомесарот за економија Паоло Џентилони. Тој ги уверувал соговорниците дека интеграцијата во ЕУ останува врвен политички и економски приоритет за Северна Македонија, како и тоа дека земјата посветено работи на искористување на ЕУ средствата што се на располагање преку претпристапниот инструмент и Европскиот и инвестициски план на Европската комисија.
Македонската Влада очекува во текот на наредниот месец да пристигне и втората транша од 80 милиони евра од ЕУ за поддршка на буџетската политика, изјави Бесими за МИА по средбите и истакнува дека во овој момент се прават анализи од европска страна за исполнувањето на условите. Првата транша од 80 милиони веќе е добиена.
На прашање дали во овие околности на светска криза без преседан, Северна Македонија треба да размислува во насока на релаксирање на строгите буџетски правила за јавен долг и дефицит и да оди кон повеќе задолжување за да може да закрепне економијата побргу, министерот за финансии смета дека веќе е одобрена доволно голема флексибилност, но дека не е мудро да се оди предалеку.
Според министерот, важно странските инвеститори и финансиските институции да се уверат дека Северна Македонија нуди стабилна и безбедна рамка.
„Најавивме нова еврообврзница и мислиме дека ќе имаме и поповолни услови за каматната стапка“,
смета Бесими и потсетува дека кредитна стапка на земјата останува оценката „ББ минус“ со позитивен изглед за иднина, што, вели тој, е добра позиција за државата за инвеститорите да видат дека имаме јасен план за справување со ковид и успешно заздравување на економијата.
На прашање дали во овие услови на криза е време повторно да се врати на маса идејата за прогресивно оданочување и поголемо оданочување на богатите, Бесими потврди дека во наредните недели ќе се отвори и оваа дебата.
„Донесовме стратегија за даночни реформи и се отвора и оваа дебата. Работиме сега на акциски план и во наредните недели ќе имаме средба со релевантните чинители во општеството за тоа во која насока ќе биде најоптимален даночен систем. Ние намерно не наметнуваме став за данокот, тој треба да има повеќе цели. Подобрување на ефикасноста на даночниот систем, подобрување на услугите, праведност во однос на даноците, дигитализацијата и зелените даноци се приоритети што ќе значат сериозна реформа на даночниот систем на долг рок, што ќе заличи на оној во развиените земји во ЕУ“,
вели Бесими за МИА.
Во ноември 2019 година, претходната министерка за финансии Нина Ангеловска објави дека, од 1 јануари 2020 година, примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување на 36 месеци (што би значело до крајот на 2022 година. Во овој период, како што беше посочено, доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права, како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти.
Воведувањето на прогресивниот (праведен) данок беше едно од основните ветувања на СДСМ на претходните парламентарни избори, во 2016 година. Од почетокот на 2019 година, кога министер за финансии беше Драган Тевдовски, стапија во сила измените на Законот за данок на личен доход, според кој се воведе прогресивното оданочување, а се напушта рамниот данок.
Законските измени предвидува задржување на стапката на оданочување од 10 отсто за приходи до 90 илјади денари на месечно ниво, додека за делот од доходот кој надминува 90 000 денари стапката се покачи на 18 отсто.
