Новите епизоди од старите несогласувања во скопското крило на ДУИ го отежнуваат и функционирањето на собраниското мнозинство; Додека шефот на ПГ Изет Меџити мошне ретко се појавува во Собранието, поголемиот товар на координацијата падна врз Арбер Адеми
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Изет Меџити, поранешен градоначалник на Чаир, мошне ретко се појавува во парламентот во последните неколку месеци, додека собраниското мнозинство „кубури“ со кворум за одржување на пленарните седници.
Ова го тврдат пратеници од владејачкото мнозинство, според кои активностите на пратеничката група на ДУИ, главно, ги координира заменик-координаторот Арбер Адеми, поранешниот министер за образование. Тој најчесто присуствувал и на координациите со другите пратенички групи кај спикерот Талат Џафери.
Честите отсуства на Меџити, но и на дел од пратеници кои важеле за блиски до него, според информациите, дополнително ги усложнуваат проблемите со обезбедувањето кворум, со кои се соочува 62-членото парламентарно мнозинство, во ситуација на континуирани блокади од опозицијата.
Адеми овие денови на одговара на телефонските повици, додека Меџити веќе извесно време е недостапен. Затоа, пак, Џафери, на денешниот брифинг со новинари не негираше дека во изминатиот период имало и ситуации кога кворумот висел токму поради отсуство на пратеници на ДУИ. Таков беше и случајот на последното пленарно заседание, на 16 овој месец, кога парламентот не успеа ниту да го усвои дневниот ред на новата седница.
„Сите пратеници имаат обврска да дојдат на работа, а калкулациите се друга работа. Мислам дека ќе има разврска“,
рече Џафери и потврди дека тоа се однесува и за проблемот во пратеничката група на ДУИ, но и воопшто.
Тој потенцира дека навреме ги информира пратениците за доставените закони и за одржувањето на седниците, а сѐ друго е лична одговорност.
„И Деловникот и Уставот се такви, пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Е сега, никој не кажува дека од ДУИ некој излегува како самостоен или независен. Тоа право го има секој од пратениците. Тоа не може никој да го казнува. А од друга страна да дејствувам како пратеник од таа пратеничка група, а да не доаѓам, е тоа веќе е лична одговорност“,
рече Џафери.
Последните податоци од публикацијата „Мојот пратеник“, за периодот од август (кога се конституираше парламентот) до декември минатата година, на некој начин ги потврдуваат наводите за честите отсуства на Меџити, особено во споредба со Адеми или со координаторот на другата пратеничка група во мнозинството – Јован Митревски од СДСМ.




Според неофицијалните информации, станува збор за нова епизода од старите превирања во ДУИ, главно меѓу струите во скопската организација на партијата и меѓу членови на пратеничката група и министри. Од една страна е крилото на Меџити, а од друга на првиот вицепремиер Артан Груби и на шефот на дипломатијата Бујар Османи, поради што, во август минатата година, неколку дена беше доведен во прашање и изборот на новата влада на СДСМ и на ДУИ, поради министерските имиња што ги предложи Али Ахмети.
Кон крајот на минатата година имаше и најави дека Меџити ќе поднесе интерпелација против министрите Груби и Османи.