Три можни термини за одржување на редовните локални избори посочи денеска спикерот Талат Џафери. Согласно уставните рокови за распишување редовни избори во рок од 70 до 90 дена пред завршување на мандатот на носителите на функции избрани на непосредни избори, Џафери посочи дека првиот круг од овие избори би требало да се одржи на 3, 10 или на 17 октомври.
Со оглед на тоа што 11 октомври е државен празник, Џафери смета дека денот претходно (10 октомври) не би требало да биде изборен. Согласно уставните рокови, Џафери би требало да ги распише изборите во периодот од 5 јули до 8 август, во зависност од тоа кој изборен термин ќе се избере. Од моментот на распишување на изборите почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Во однос на барањата на опозицијата за предвремени парламентарни избори, Џафери рече дека тоа не е работа што треба да се одвива преку медиумите.
„Нека поднесат предлог за распуштање на парламентот, за тоа е доволно и еден пратеник и ако има соодветно мнозинство ќе одиме на избори. Собранието има мандат од четири години, но ако партиите имаат други планови, има процедура по која може да се спроведе тоа“,
вели Џафери.
Сепак, како што рече, треба да се има предвид дека се различни правилата за вонредни (парламентарни) и за редовно (локални) избори, како што би било во овој случај. За парламентарни избори, како што посочи, независно дали се вонредни или редовни, предвидено е формирање техничка влада 100 дена претходно, што не е случај за локални избори.
За вонредни избори се предвидени скратени рокови за спроведување на изборните дејствија, додека за редовни избори роковите се регуларни. Исто така, локалните избори се во два круга, а парламентарните во еден.