„Дали во Дебар Маало нема вирус? Полни се локалите!“,„Вака умираме, без работа“, „Бараме протоколи за работа како другите“, довикуваа демонстрантите кон Битиќи на протестот пред Владата
Со маси и столици поставени пред Владата, попладнево угостители за организирање свадби и други свечености одржаа симболична свадба во знак на протест од забраната за работа.

На настанот одржаа средба со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи и побараа да се донесат протоколи за работа и за органзирање свечености и прослави, по примерот како што работат останатите ресторани и кафулиња.

„Целта на овој состанок беше да најдеме решение за нашата состојба, бидејќи една година веќе не работиме. Се договоривме утре и задутре да имаме нова средба со пазарниот инспекторат и да го испегламе протоколот за да може да работиме како што работат и рестораните. Министерот ни кажа дека ќе ја консултира Комисијата за заразни болести и во наредните денови да имаме нова средба за да мрднеме од оваа мртва точка. И тие кредити што би ги зеле еден ден ќе треба да се вратат. Ние бараме да ни дозволат да работиме како што работат и другите ресторани, ништо друго не бараме“,
порачаа од Иницијативниот одбор за организирање на протестите

Вицепремиерот Битиќи ги посочи мерките за финансиска помош што Владата ги издвоила за овој сектор и рече дека финансиската поддршка ќе продолжи. Сепак, потенцираше дека здравјето на граѓаните е приоритет.
„Жалам што се доведени во ситуација да протестирате, но сметам дека сите заедно сме доволно разумни да разбереме дека се бориме против непознат непријател. Тие кои што го пребродиле и поминале низ тежок период многу е тешко да зборуваат за било што надвор од здравјето. И сега ви зборувам како човек, а не како функционер, јас сум еден од тие што малце потешко го помина вирусот и здравјето на секој еден од вас ние побитно од последиците што може да ги имаме затоа што тоа заедно може да го надохнадиме. Сите ваши работодавачи ќе продолжат да бидат поддржувани со мерки за вие да продолжите работите, но нема да може да работите ако бидете заразени“,
порача Битиќи.

„Вака умираме, без работа“, „Дали во Дебар Маало нема вирус?“ Полни се локалите!“, „Сте влегле ли во автобус на ЈСП да видите дали има некакви мерки?“, “Бараме протоколи за работа како другите“,
довикуваа демонстрантите кон Битиќи додека говореше пред медиумите.
Сопствениците на ресторани за веселби во неколку наврати излегуваат на протест и на улични блокади поради тоа што не им е дозволено да организираат настани.
Битиќи порача дека е отворен за средби и изнаоѓање решенија, но дека нема доблест и храброст да оди против препораките на Комисијата за заразни болести.