На ваков начин се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување, а жртвите остануваат заплашени и неми, порачаа активистите
Платформата за родова еднаквост, која беше организатор на протестите против скандалот со „Јавна соба“, денеска го потсети обвинителството на обврската за навремено и ефикасно гонење на сите членови во групите кои шират порнографија и експлицитни фотографии од жени и девојчиња.
На прес-конференција пред ОЈО, активистите побараа од државата да покаже конкретни резултати во заштитата на жртвите и да ги гони сите сторители на родово насилство и сексуално вознемирување.

„Затоа, господин Љубомир Јовески – републички јавен обвинител и Ацо Колевски – претседател на Советот на обвинители, ве потсетуваме на обврската за навремено и ефикасно кривично гонење на сторителите согласно Кривичниот законик. Одговорот на институциите ги потврди нашите наводи дека обвинителството не доволно ги заштитува жртвите од родово засновано насилство. Постапките не се водат доволно стручно и професионално. Ниту една мерка за спречување и заштита од насилство нема да го има посакуваниот ефект ако насилниците не се гонат кривично и избегнуваат одговорност. На ваков начин се праќа порака дека насилството врз жените не е казниво, а насилниците се охрабруваат да продолжат со своето однесување“,
порача Јана Коцевска од Платформата за родова еднаквост.
Активистите посочија дека случајот со „Јавна соба“, и после една година, нема завршница, а сторителите се осомничени само за кривичното дело – производство и дистрибуција на детска порнографија.
Тие побараа кривичен прогон и за другите членови во групите и правда и заштита и на полнолетните жртви.
„Советот на јавни обвинители не ги користи своите надлежности за контрола на работата на обвинителите. Низ годините сме сведоци за непрофесионално однесување од страна на полициски службеници. Од вас очекуваме да преземете мерки за ефикасна заштита на жртвите на насилство преку навремено спроведување на кривични постапки, имајќи предвид дека насилството врз жената не е личен проблем, туку ваша одговорност. Бараме кривичен прогон и за полнолетните жртви во случајот, не само за детска порнографија. Бараме обвиненија за злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, во зависност од околностите на случајот“,
порача Коцевска.
Од Платформата за родова еднаквост потсетија на нивниот рок до 8 март што ѝ го дадоа на државата за да покаже резултати во заштитата на жртвите од родово базирано насилство и сексуално вознемирување. Тогаш најавија дека ќе излезат на нов протестен марш за „будење“ на институциите.
„Нема да престанеме да го адресираме ова прашање, ќе продолжиме да протестираме“,
порачаа активистите пред обвинителството.
За случајот со групите во кои се шират фотографии од малолетнички и лични податоци од жени и девојки, од неодамна во притвор се двајца скопјани на возраст од 21 и 32 години.
Тие се осомничени за групата „Јавна соба“, која се појави во декември 2019 година – случај кој сѐ уште е во истражна постапка и засега нема обвинение. Обвинителството бараше притвор поради сомнение за кривично дело производство и дистрибуција на детска порнографија, дело кое се казнува и до 8 години затвор.
За втората група за која јавноста дозна годинава, МВР приведе четири лица чии телефони и лаптопи беа дадени на вештачење, а според извори од истрагата, кај дел од нив е најдена и детска порнографија. Од МВР велат дека сите материјали од вештачењето се доставени до Основното јавно обвинителство Скопје.
Од обвинителството претходно посочија дека сѐ уште го комплетираат предметот за првиот случај со „Јавна соба“, за која две лица се во притвор, по што ќе донесат јавнообвинителска одлука. Вториот случај, пак, е во фаза на предистрага.
Во меѓувреме, групи како „Јавна соба“ сѐ уште се активни на платформата „Телеграм“ во кои илјадници членови и натаму споделуваат експлицитни фотографии и лични податоци од жени и малолетнички претставувајќи ги како сексуални работнички.
Од МВР велат дека следат неколку вакви групи, но дека нема соработка од страна на „Телеграм“ за да бидат блокирани.