Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал објасни како ексдиректорот на УБК се пријавил токму во ова обвинителство и зошто е повлечена жалбата на решението на Судот за куќен притвор
Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, преку посредници, побарал да се пријави токму во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како што појасни вечерва шефицата на ова Обвинителство Вилма Рускоска. Таа рече дека искрено се радува што обвинетиот Мијалков решил сам да се пријави.
Русковска посочи дека прво се консултирала со јавниот обвинител на Северна Македонија дали да го прифатат или сепак да се пријави во полиција.
„Јавниот обвинител рече дека може да се пријави и кај нас. Од кога е дојден до сега Мијалков беше обезбедуван од истражителите кои се во Истражниот центар на ЈО за гонење организиран криминал и корупција“,
додаде Рускоска.
Во однос на повлекувањето на жалбата за затворски, наместо куќен притвор, обвинителката рече дека тоа е сторено за да не се губи време.
„Мене колку што ми е познато, а тоа е од разговор со претседателот на Судот и тоа беше во претпладневните часови, самиот претседател замоли да биде повлечена жалбата затоа што и фактички решението до тогаш не беше спроведено, нели се уште беше недостапен обвинетиот Мијалков и да не се губи време да се поднесе нов предлог за определување мерка притвор затоа што првото решение не беше спроведено. Потоа, колку што имам сознаниј,а разговарале и на таа тема со јавниот обвинител Љубомир Јовевски, истиот се согласил и така од тие причини тогаш е повлечена жалбата“,
рече Рускоска.
На прашање дали сега повторно ќе побараат затворски притвор, обвинителката рече дека ќе размислат, бидејќи целиот ден беше доста напнат.
„Ќе разговараме со колегите што го застапуваат предметот, со јавниот обвинител и ќе одлучиме. Но сепак олеснителна околност е што самиот се пријави во Обвинителството“,
истакна Рускоска.
Таа рече дека не верува оти Мијалков ќе проба да избега од домашен притвор, затоа што, како што рече, да сакаше да избега, ќе избегаше досега.
За тврдењето на Мијалков дека бил болен и дека дури утринава дознал оти се трага по него обвинителката рече дека не се видела со Мијалков и не знае како изгледа, дали е болен и изнемоштен или не.
„Единствено се видов со едниот негов адвокат. При разговор со неговиот адвокат двајцата заклучивме дека направил грешка што не се пријавил и не го примил решението. Навистина не знам каде бил, ама не верувам дека бил болен“,
изјави шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал.