Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница утврди дека решението за назначување на раководна позиција од техничкиот министер за внатрешни работи не претставува акт или документ кој се однесува на правни финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите.
Членовите на Државната изборна комисија едногласно гласаа за овој заклучок укажувајќи дека не се надлежни да одлучуваат по барањето за мислење на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев во врска со одлуката за именувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР Скопје, која не беше потпишана од дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска.
Појаснувајќи, зошто ДИК не е надлежна да одлучува за барањето, , претседателот Оливер Дерковски посочи на ставовите 4 и 6 од членот 44 од Законот за Влада.
„Тоа е изворна надлежност на министерот од членот 44 и тие именувања не подлежат на активностите што се дадени од членот 46, 48 и понатаму 47, кои се однесуваат на организација на изборите,
рече Дерковски.

Всушност, како што појаснија членовите на ДИК, за именување на Ставрески не е потребен втор потпис, односно потпис од дополнителната заменик министерката Петровска.
Членот на ДИК, Борис Кондарко, образложувајќи зошто ова барање во суштина не е поврзано со организација на изборите, рече дека Комисијата заедно со Владата и дополнителните министри и заменици министри се должни и се упатени на меѓусебна соработка посебно, како што рече, кога се работи за предизборен период.
„Сметам дека во овој момент е потребно сите заедно повеќе да комуницираме, да се консултираме, да се координираме и да соработуваме за да не се добива погрешен впечаток во јавноста за евентуални проблеми во врска со организацијата на изборите“,
истакна Кондарко.
Тој ги повика претставниците на сите институции коишто се вклучени во организација на изборите да работат професионално и одговорно за да тие бидат успешно организирани
Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна во рок од 24 часа да донесе одлука и да ја проследи до односното министерство. Чулев до ДИК поднесе барање да се изјасни за назначувањето на Ставревски. Одлуката на ДИК е конечна.
Вчера Чулев имаше состанок со дополнителната заменик-министерка Петровска и со неколкумина раководители во МВР за спорните прашања што се појавија во изминатите неколку дена. Но, во соопштението објавено по средбата нема ниту збор за случајот со началникот на СВР Скопје. Извор од МВР пред два дена за „360 степени“ потврди дека Ставревски веќе ја извршува функцијата и издава наредби.
*Поврзана вест
Чулев ќе побара од ДИК да пресече за именувањето на Ставрески за шеф на СВР Скопје