Три различни студии, како што пишува Гардијан, спроведени во Шкотска (една) и Англија (две) даваат охрабрувачки резултати
Различни студии спроведени во Англија и Шкотска покажуваат дека и една доза од вакцините даваат висока заштита против ковид-19, а со тоа го намалуваат бројот на новозаболени и хоспитализирани поради овој вирус.
Резултатите се надежни, иако не ветуваат целосно спречување на трансмисијата на вирусот, но покажуваат дека одредени луѓе се заштитени од вирусот, што е и крајната цел – да се намали ширењето на вирусот.
Три различни студии, како што пишува Гардијан, спроведени во Шкотска (една) и Англија (две) даваат слични резултати, иако тие беа спроведени на различни групи на луѓе.
Во Англија, студијата „Сирен“ спроведена на здравствени работници под 65 години, покажува дека една доза од вакцината на „Фајзер/Бионтек“ го намалува ризикот од заразување дури до 70 отсто, а со примањето на втората доза ризикот се намалува до 85 отсто. Здравствените работници, кои беа дел од студијата се тестирани на вирусот на секои две недели.
Англиското јавно здравство направи и рутинско тестирање на лица повозрасни од 80 години, кои се дел од најризичната група за заболување од ковид-19, но и за смртност од вирусот. Според резултатите, на три недели по примањето на првата доза на „Фајзер/Бионтек“ вакцината, ефективноста за да не заболат од коронавирусот била 57 отсто, а по примањето на втората доза ефективноста е на 85 отсто.
Податоците, укажуваат и на тоа дека оние кои се вакцинирани, а сепак се заразиле со ковид-19, имаат лесни или воопшто немаат симптоми, со што покажува дека се намалува и хостпитализацијата и смртноста од овој вирус.
„Овој извештај покажува дека вакцината функционира. Навистина е охрабрувачки да се види дека вакцината на ‘Фајзер/Бионтек’ навистина штити од коронавирусот“,
рече министерот за здравство Мет Хенкок.
Податоците од студијата во Шкотска се подеднакво охрабрувачки. Додека студиите во Англија ги анализираа само луѓето кои примиле вакцина од производителот „Фајзер/Бионтек“, овде се анализираше и „АстраЗенека“.
До четвртата недела по приемот на првата доза, вакцините и на „Фајзер/Бионтек“ и „АстраЗенека“ го намалија приемот на ковид-пациенти во болници до 85 и 94 отсто, покажала шкотската студија.
Медицинските научници, кои работеа на овие студии, велат дека не треба да се споредуваат податоците од резултатите на вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и „АстраЗенека“, бидејќи, вакцината на „АстраЗенека“ се давала претежно на повозрасни лица над 80 години.