Група граѓани од Куманово, предводени од семејството на покојниот Алмир Алиу, на денешниот протест пред Основниот суд во Куманово побараа враќање на предметот на повторно разгледување, обесштетување и ослободување на членовите на семејството Алиу од вина.
„Се собравме денес овде да ја изразиме нашата граѓанска и национална огорченост против одлуката на судот, кој наместо да го казни Бобан Илиќ, со максимална казна затвор, ги казни со затвор Абдулах и Седат Алиу за насилство, татко и чичко на Алмир Алиу, како и Сами Демири. Имено, овој суд ги осуди со казна затвор две лица кои беа жртви на напад во кој изгубија малолетно дете, во меѓувреме агресорот или поточно кажано убиецот, наместо да се казни за убиство, се осудува за сообраќајна несреќа. Да не го пресметавме времето, ќе помислевме дека се наоѓаме во 1985-89 година“,
рече Фуат Алиу, претставник од семејството.
На протестот беше побарано ослободување на Сами Демири и Седат Алиу, предметот повторно да се врати на разгледување и Илиќ да се осуди за убиство со умисла, а не за сообраќајна несреќа.
Семејството ќе побара и обесштетување за загубата на синот.
Учесниците на протестот порачаа дека на овој начин се обраќаат и до извршната власт, премиерот, албанските коалициски партнери да не дозволат, како што истакна Алиу, политизација и етнизација на судовите. Демонстрантите порачаа дека се обраќаат и кон Амбасадата на САД, Мисијата на ЕУ, ОБСЕ да помогнат за воспоставување правда. Учесниците најавија дека ќе продолжат со протестите.