Евроамбасадорот Дејвид Гир одговори на новинарско прашање за тоа дали измените во Законот за лични карти и наведувањето етничка определба се во согласност со европската регулатива
Општата регулатива за заштита на лични податоци, која стапува во сила во август годинава, забранува споделување лични податоци, како расна, етничка, политичка и верска припадност.
Вака денеска одговори евроамбасадорот Дејвид Гир на новинарско прашање за тоа дали измените во Законот за лични карти и наведувањето етничка определба се во согласност со европската регулатива.
„Во Европската Унија личните карти во моментов сѐ уште се регулирани од страна на земјите членки, но регулативата што ја споменав, кој ги содржи првите правила што се однесуваат на овие документи на ниво на Унијата, ќе стапи во сила во август 2021 година“,
рече Гир на заедничката прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши по повод претседавањето на земјава со ЦЕФТА.
Евроамбасадорот додаде дека усогласувањето на законодавството на земјава со правилата и стандардите на ЕУ е важен процес и оти ЕУ отсекогаш ја охрабрувала Северна Македонија да постигне напредок на ова поле затоа како едно од првите работи што би се оценувале при почетокот на преговорите.
Кој е амбасадорот?
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека има сериозна забелешка од амбасадор на наша соседна држава околу предлогот за запишување на националноста во личните карти, без притоа да прецизира за која соседна држава се работи.
Тој го повика премиерот Зоран Заев да го достави предлог-законот за тоа до Собранието со европско знаменце.
Но, Заев денеска му одговори дека до нема ниту предупредување ниту каков било разговор за каков и да било аларм од некој амбасадор, потенцирајќи дека намерата за впишување на националноста во личната карта не се коси со ништо.
„Беса имаа средба со амбасадорот на Грција. Ние сме го провериле тоа по дипломатски патишта уште во 2019 година, кога се гласа уставните промени. Нема предупредување дека е спорно, идентитетската определба на сите кои живеат во држава е нивно право“,
изјави денеска Заев одговарајќи на новинарско прашање.