Угостителите, претставниците на фотостудијата и музичките бендови денеска ќе протестираат кај Автокоманда
Владата не ги носи протоколите за работа, туку професионална комисија составена од експерти во делот на пандемијата, а ние само ги почитуваме нивните предлози. Во моментот кога ќе добиеме одреден протокол, секако дека ќе го усвоиме како Влада.
Вака денеска им одговори министерот за економија Крешник Бектеши на сопствениците на ресторани за веселби, кои денеска попладне излегуваат на протест и на улични блокади поради тоа што не им е дозволено да организираат настани.
Тој посочи дека за нив има мерки во петтиот пакет во делот за исплата на плати за два месеца и во бескаматните кредити со грант-компонента ако покажат позитивни резултати.
„Не се согласувам со ултиматумите што беа испратени, а би ги охрабрил граѓаните да го искажат своето мислење на демократски начини како што се и протестите. Ние ќе бидеме тука како Влада да им помогнеме на граѓаните и на бизнисот со цел да ја поминеме пандемијата со најмали последици“,
рече Бектеши.
Бектеши ги потсети дека речиси осум месеци државата ги плаќа платите и дека има одредени други олеснувања за угостителството, како и тоа дека дел од нив го одбиле предлогот, покривањето да биде врз основа на профитите и приходите што ги имале во 2019 година.
За денеска, од 14 до 17 часот, сопствениците на ресторани за веселби, фотостудија, цвеќарници… закажаа протест и блокада на крстосницата кај булеварот „Александар Македонски“, во знак на револт поради тоа што не им се укинува забраната за работа која е од март лани и нема протоколи за нивна работа.
Протестот ќе продолжи и в понеделник и в вторник во истото време.