Решението го објавија премиерот Заев и лидерот на средношколците Ходаи
Ќе се полагаат два екстерни предмети, додека еден од досегашните екстерни преминува во интерен, ќе се формира работна група од Бирото за развој на образованието и Сојузот на средношколци, во која ќе има и наставници, која ќе одлучува за кратење на програмите за екстерните испити и со која ќе претседава претставник од кабинетот на премиерот. Полагањето според новиот модел од два екстерни и два интерни предмети (досега беше 3+1) се одложува за една недела – наместо на 29 мај, ќе биде на 5 јуни.

Вака накусо изгледа компромисното решение што е постигнато во преговорите меѓу Владата и Сојузот на средношколци, со што се затвора прашањето за тоа како ќе се полага годинава државната матура.
Премиерот Зоран Заев рече дека на ваков начин ќе се обезбеди со овие дипломи тие да можат да конкурираат на универзитетите и тука и во странство, што е целта на државната матура.
„Ги охрабруваме сите млади да бидат гласни и да се борат за подобрување и да ни укажуваат на секој проблем, кој низ дијалог ќе го решаваме“,
изјави Заев по денешната средба за финализирање на договорот.
Честитки за нашата упорност, бидејќи го добивме заслуженото внимание од институциите и од премиерот и дојдовме до компромис кој ги штити интересите на сите ученици, рече Бленди Ходаи, претседателот на Сојузот на средношколци.

Тој ги кажа и останатите детали од решението:
-работната група да ја заврши работата најдоцна до март,
-материјалите за испитите да им бидат достапни на учениците најмалку три недели пред испитот,
-банките со прашања да содржат најмалку 60, а најмногу 100 прашања,
-за да имаат опција да ги променат своите испити, учениците кои ќе полагаат државна матура треба повторно да ги регистрираат своите испити, а краен рок за ова да биде 5 март,
-основа за добивање на поените за интерните испити ќе биде оценката од испитот и просекот по предметот како основа за добивање на поените…
„Ние не баравме да не учиме, туку да има промени во начинот на полагање на матурата, да биде приспособено на услови што одговараат на наставата, како што таа се одвива“,
рече Ходаи.