Причината беше што тројца обвинети, членови на некогашната лустрациска комисија, бараа да им се преведат материјалите на албански јазик
Речиси три месеци не може да почне судењето за судскиот процес „Моќник“ во кој еден од обвинетите е актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. Денешниот петти обид за старт на судскиот процес пропадна бидејќи тројца обвинети, поранешни членови на Комисијата за лустрација, побараа сите материјали да им бидат преведени на мајчин – албански јазик.
Обвинителката Фатиме Фетаи реагираше дека им текнало дури сега и обвини за злоупотреба на правата од страна на одбраната.
„Ова е класична злоупотреба на правата. Ова ни е петти пат во судница и сега дојде оваа идеја на петтото рочиште. И јас сум за тоа да се почитува Законот за употреба на јазиците. На писмено ќе го добие преведено обвинението на албански веќе на следното рочиште“,
рече Фетаи, пренесе Алсат ТВ.
Еден од обвинетите, кои бараа да се преведен, Даут Даути, пак, вели дека смета оти тоа е основно законско право кое е нормално да го побара.
Следното рочиште е закажано за в понеделник.
Првото рочиште за „Моќник“ беше закажано за 25 ноември 2020, но се одложи, тогаш затоа што имаше обвинти кои се во изолација поради ковид.
Милошоски во овој случај се товари за делата измама и злоупотреба на службената положба и овластувања. Обвинети се и неговиот татко и ексградоначалникот на Македонски Брод, Милосим Војнески. Тие се прво и второобвинет за делото измама. На обвинителна клупа за злоупотреба на службената положба и овластувања седат и претседателот на некогашната Лустрациска комисија, Томе Аџиев и осум нејзини члена. Една од членките на оваа комисија, која беше обвинета, во меѓувреме почина.
Предметот се однесува на продажна на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3 920 квадратни метри) во село Ижишта, кој бил во сопственост на Општина Македонски Брод, а го користела Општина Пласница. Имотот бил продаден на таткото на пратеникот. Штетата што е направена на Општина Македонски Брод и на државниот буџет, според обвинителството, е околу 50 000 евра.
„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на Општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е ’поранешниот задружен дом‘, а всушност одобриле отуѓување на зграда и дворно место во село Ижишта – Општина Македонски Брод, која ја користела општина Пласница. Со продажбата на објектот нанеле штета на Република Северна Македонија во значителна вредност од 1 795 800 денари (околу 30 000 евра) и за продажбата на земјиштето нанеле штета на општината Македонски Брод во значителна вредност од 1 176 000 денари (речиси 20 000 евра)“,
рекоа од ОЈО – Скопје кога го поднесоа обвинението.
Според обвинителството, пратеникот Милошоски, искористувајќи ја својата позиција, вршел континуиран притисок врз државните органи, Државното правобранителството и судовите, за да не ја поништат продажбата на имотот.
Како течела продажбата?
Во соопштението што го објави Обвинителството по поднесувањето на обвинението, се наведува како дошло до продажбата на имотот. Така, според ОЈО Скопје, на 27 октомври 2011, таткото на Милошоски писмено побарал од Советот на Македонски Брод да донесе одлука да се продаде задружниот дом во Ижишта и лажно навел дека тој веќе го користи просторот и сака да го купи за да отвори сопствен бизнис. Иако, тврди Обвинителството, знаел дека објектот е всушност делот кој не го користел тој, туку градоначалникот и администрацијата на Пласница и Управата за водење на матични книги.
Веќе наредниот ден Советот на Македонски Брод одржал седница на која го разгледал барањето. На седницата зборувал тогашниот градоначалник и, како што тврди обвинителството, лажно презентирал дека станува збор за објект кој претходниот општински совет му го дал на користење на таткото на Милошоски за 30 години, за што тврдел дека има и договор. За да може да се вложува во објектот, градоначалникот побарал советниците да одлучат да му се продаде објектот преку јавна лицитација.
Советниците доведени во заблуда, пишува во обвинението, едногласно донеле одлука за отуѓување на зградата и во апсолутна заблуда му овозможиле на градоначалникот да започне со постапката за продажба на објектот и дворното место. Градоначалникот понатаму, за да избегне конкурентност во наддавањето и да не се јави друг купувач, не го ни објавил огласот во „Службен весник“.
„Како наддавач се пријавил само првообвинетиот, кој единствено знаел за денот на јавното наддавање и го купил објектот кој бил сопственост на државата за цена од 1.795.800 денари, што е 670 денари повеќе од почетно определената за наддавањето. Парите биле уплатени на сметка на Општина Македонски Брод, а со второобвинетиот бил склучиле договор за купопродажба, кој како сопственик на објектот подоцна успеал во катастар да го впише објектот на свое име, како наводна техничка исправка, иако немал основа за такво впишување. Тој го купил и земјиштето по цена од 100 денари по м2, во постапка без јавно наддавање. Имено, иако според одлуката на Советот на општината најниска (почетна) цена во постапката за јавно наддавање за предметното земјиште требало да биде 100 денари по м2, и истата била објавена во службен гласник на Општина Македонски Брод, па сепак, донесена е одлука со ист евиденциски број, со која цената на земјиштето се ограничува да не биде поголема од 100 денари по м2“,
наведуваат од обвинителството.
Тоа, тврдат оттаму, го искористиле таткото на Милошоски и тогашниот градоначалник и постигнале договор за купопродажба на земјиштето по цена од 100 денари по квадратен метар, додека реалната вредност определена со актите на Општината за тој регион била предвидена на 400 денари.
Која била улогата на Лустрациската комисија?
Откако се случила продажбата, градоначалникот на Пласница (чија општина го користела објектот) го контактирал по пратеникот и побарал од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ да ја испита постапката за продажбата.
„Владата оформила комисија, но, третообвинетиот, искористувајќи ја својата позиција на пратеник од владејачката партија, вршел континуиран притисок врз сите институции кои постапувале по овој предмет, за да остане во правна сила незаконитата продажба на објектот и земјиштето. Третообвинетиот паралелно со притисокот врз надлежните за непреземање активности за преиспитување на продажбата во име на Претседател на комисијата за надворешна политика, преку писмени барања иницирал инспекциски и полициски контроли врз едно правно лице, а организирал друго лице да поднесе барање до Комисијата за утврдување на фактите (Комисија за лустрација) со наводи кои треба да иницираат постапка за лустрација против судија“,
соопшти од ОЈО – Скопје кога го поднесоа обвинението.
Милошоски, според Обвинителството, го поттикнал претседателот на Лустрациската комисија, Аџиев, да отвори постапка за судија. Кога беше отворена истрагата „Моќник“, беше посочено дека станува збор за судија за кој се сметало дека е близок на градоначалникот на Пласница и може да го штити во судска постапка, па затоа била иницирана неговата лустрација.
Комисијата ја отворила постапката и Аџиев заедно со деветмина членови на Лустрациската комисија, според ОЈО Скопје, иако не биле исполнети критериумите донеле одлука да го лустрираат судијата кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основниот суд Кичево, а потоа и разрешен.
Што тврди Милошоски?
Уште во ноември лани кога требаше да се одржи првото рочиште, пратеникот Милошоски обвини дека станува збор за паушален и политички монтиран случаи.
„Ги известив Коалицијата за правично судење, Мисијата на ОБСЕ, Мисија на ЕУ во земјава да го следат овој случај од почеток до крај бидејќи сакаме и тие да се уверат дека се работи за правно неоснован, но за жал политички мотивиран случај. Самото обвинение е компромитирано од две причини. Прво, обвинението како истрага го почнала Катица Јанева, која видовме дека се занимавала и со рекетирање, а го продолжува нејзината другарка Фетаи, за која видовме дека Државниот завод за ревизија утврди дека незаконски земала 87 илјади евра хонорари од Јанева и од СЈО“,
изјави Милошоски на 25 ноември 2020.