Обвинението за „Моќник“ е паушално и политички мотивирано, рече пратеникот Антонијо Милошоски, кој е еден од обвинетите во овој случај.
Тој се товари за измама и злоупотреба на службената положба и овластувања, а по одложувањето на денешното прво рочиште, пред медиумите излезе со обвинувања кон обвинителството и обвинителката Фатиме Фетаи.
„Ги известив Коалицијата за правично судење, Мисијата на ОБСЕ, Мисија на ЕУ во земјава да го следат овој случај од почеток до крај бидејќи сакаме и тие да се уверат дека се работи за правно неоснован, но за жал политички мотивиран случај. Самото обвинение е компромитирано од две причини. Прво, обвинението како истрага го почнала Катица Јанева, која видовме дека се занимавала и со рекетирање, а го продолжува нејзината другарка Фетаи, за која видовме дека Државниот завод за ревизија утврди дека незаконски земала 87 илјади евра хонорари од Јанева и од СЈО“,
рече Милошоски.
Тој вели дека очекува обвинителството да покажува сила во овој судски предметот, а тој и неговата одбрана ќе настапат со аргументи и докази.
Пратеникот во судница ќе треба да се појави на 23 декември, кога ако се исполнат условите обвинетите треба да се изјаснат за вина и да се почне со воведни зборови.
Денешното рочиште се одложи затоа што еден обвинет во „Моќник“ е позитивен на ковид, еден е во изолација, а тројца не добиле уредна покана.