Лидерот на ДУИ тврди и дека парламентарното мнозинство функционира нормално, а за реконструкција на владата, според него, не се размислува
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ги дели истите ставови со неговиот коалициски партнер, премиерот Зоран Заев, во врска со закажаниот попис во април годинава, но и за тоа дали ни требаат предвремени парламентарни избори.
Пописот, порача лидерот на интегративците, ќе се одржи оти нема причини за негово одложување.
„Досега нема никаква промена и пописот ќе се одржи на почетокот на април. Ова е статистички чекор, чекор што треба да се направи бидејќи се бара од меѓународните организации како Европската унија и ЕУРОСТАТ за да имаат точни статистички информации како институции во ЕУ“,
изјави денеска Ахмети.
Предвремени парламентарни избори, пак, според, него не ѝ се потребни на и државата и не се во нејзин интерес.
„Предвремените избори сметам дека се организираат во случаи на кризи, нефункционирање на парламентот, блокирање на институциите, а такво нешто нема и ниту во иднина мислам дека ќе нема, бидејќи не се во интерес ниту на државата, а ниту и на партнерството во овој случај,
рече Ахмети.
„Парламентарното мнозинство стабилно, нема реконструкција на Владата“
Ахмети зборуваше и на тема колку е стабилно парламентарното мнозинство, со оглед дека периодов се почести се изјавите од опозициските партии дека може да дојде до формирање на ново. Според него, парламентарното мнозинство функционира во рамките на нормалноста, а за Владата, пак, порача дека се не разговара за нејзина реконструкција.
„Најпрвин, парламентарното мнозинство функционира во рамки на нормалноста. Воопшто нема судири или разлики меѓу коалициските партнери. Секако дека има разлики за одредени теми, но добрата работа е што на крајот за сите прашања се постигнува консензус. Нема никаква тешкотија во функционирањето на оваа партнерство, коалиција и воопшто не се размислува и нема никаква причина за ново парламентарно мнозинство. Се си функционира во рамките на нормалноста. Не е дискутирано и не се размислува за реконструкција на Владата“,
вели лидерот на ДУИ.
Изјавите на Ахмети дадени на денешниот свечен настан по повод на независноста на Косово, се на слични како и тие на Заев изминатиот период.
Премиерот вчера порача дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните нема да има и кажа дека истиот став го делат сите коалициски партнери.
„Дојде време да се работи и да се сработи до крај, а не постојано да се оди на избори. Еве, бевме на избори, прифативме, ја утврдивме евроатлантската агенда, и завршија изборите, и ВМРО-ДПМНЕ изгуби. И сега повторно да одиме на предвремени? Зошто? Затоа што така Мицкоски мисли? Не, нема причини зошто да одиме. Ако треба по стоти пат да повторуваме за тоа, ќе повторуваме. Парламентарно мнозинство за одлука за предвремени парламентарни избори нема, ако го има, бујрум, господинот Мицкоски нека го покаже и нека ја донесат комплетно одлуката. Така да престане да закажува заради свои внатрепартиски потреби одредени нереални агенди затоа што тоа е неодговорно и влијае врз економијата“,
изјави Заев.
За пописот, пак, порача дека дебатата е завршена и тој ќе се спроведе од 1 до 21 април.