Поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ) и ексгувернер на Банката на Италија, Марио Драги, ќе застане на чело на италијанската влада. Тој ја прифати должноста и вчера ја претстави новата влада откако пропаднаа обидите на чело на извршната власт да остане премиерот во заминување, Џузепе Конте, чија коалиција се распадна.
Од кабинетот на претседателот на Италија, Серџо Матерала, синоќа објавија дека Драги го прифатил мандатот. Неговата влада ќе има 23 члена, меѓу кои само осум жени.
Очекувањата се дека неговиот тим денеска ќе положи заклетва со што ќе се отвори патот за дебата во двата дома на парламентот на почетокот на идната недела, каде се очекува да добие поддршка од парламентарните партии со кои претходно се водеа разговори.
Новата италијанска влада ќе треба да ја извлече земјата од политичката криза и да се справува со здравствената криза, но и со економското закрепнување.