Шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата, вели Филипче
Околу 20 отсто од дијагностицираните со ковид-19 во изминативе денови го имаат британскиот сој на вирусот, рече министерот за здравство, Венко Филипче во вечерашното гостување на ТВ21. Тој информира дека околу 30 илјади граѓани ја пополниле апликацијата на веб-страницата „Vakcinacija.mk“ за искажување заинтересираност за вакцинација против ковид-19.
„Шеесет до седумдесет отсто вакцинирано население може да ја смени сликата на пандемијата. Секаде во светот, во навистина многу малку земји со исклучоци, вакцините не пристигнуваат ниту со посакуваната, ниту со потребната брзина. Сепак, станува збор за еден нов продукт, за почеток на производство. Буквално сите земји се соочуваат со истиот проблем и со истиот предизвик“,
потенцира Филипче.
Најави дека следната недела ќе биде потпишан драфт-договор со компанијата „Фајзер“. Во однос на реакциите по вакцината, Филипче рече дека нема нешто што отскокнува, нешто ризично или застрашувачки.
„Реакциите се вообичаени, досега нема публикации кои укажуваат на нешто невообичаено во споредба со другите вакцини. Конкретно, во 2019 година во МАЛМЕД од други вакцини има само еден случај на несакани дејства и нагласи дека станува збор за прилично сигурен начин и развој на вакцини. Станува збор за имитација на инфекција, значајно ослабен вирус, тоа што може да се случи е мала треска, температура, црвенило. Не е публикувано за некакви сериозни несакани дејства“,
рече Филипче.
Од досегашните податоците, вакцините го штитат организмот од шест до девет месеци. Филипче додава дека треба да се следи како ќе се одвива имунизацијата и дали можеби ковид-19 ќе помине во форма на некаква сезонска инфекција.
На прашањето дали треба да се вакцинираат и луѓето кои прележале ковид-19 и дали тоа што ја поминале болеста ги штити од повторна инфекција, Филипче потсети дека во изминатиот период гледавме многу различни сценарија во епидемиолошката, клиничката и постковид слика.
Во смисла на асимптоматски пациенти, пациенти со лесна клиничка слика, средна форма на болеста лица кај кои болеста завршила со летален исход. Во контекст на ова, Филипче рече и луѓето кои ја прележале болеста можат да се вакцинираат.
Филипче рече дека засега нема потреба од нови дполнителни рестриктивни мерки.