Едно од триесетината возила кои новиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, бара да се вратат во МВР се користи од претседателот на државата Стево Пендаровски, а од неговиот кабинет велат дека не знаат кој е мотивот за барањето за враќање.
„Информирани сме дека постои интерен допис во чии рамки се бара враќање на едно возило кое го користи претседателот. Не знаеме кој е мотивот за ваквиот допис, но напоменуваме дека безбедноста на претседателот е законска обврска на МВР“,
велат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Покрај возилото кое се наоѓа кај претседателот, на спискот кој го испратил Чулев во петокот се нашле и неколку возила кои ги користи обезбедувањето на премиерот Спасовски, едно возило од кабинетот на дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска, неколку возила за специјални намени.
Министерот тогаш во одговор за „360 Степени“, рече дека станува збор за возила кои се користеле несоодветно и дека е вратено само едно.
„Постапување согласно законите, процедурите и позитивните законски прописи е начинот на кој работи актуелното раководство на Министерството за внатрешни работи. Водењето сметка за инвентарот и опремата на Министерството за внатрешни работи не е ,спорна одлука’, туку само еден дел од тоа постапување. Без да сакаме да навлеземе во дневно политички интриги креирани од партиските кујни на СДСМ, најостро ги демантираме објавените наводи и невистини и апелираме до медиумите и новинарите да ги почитуваат принципите на етичко известување. За волја на вистината, од десетици возила за кои е утврдено несоодветно користење, само едно е вратено, а останатите сè уште се користат надвор од правилата и процедурите на МВР“,
ни одговори Чулев во петокот.
Во петокот, министерот испратил уште една телеграма до сите организациски единици во МВР, со која ги известил раководителите дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици, престануваат да важат.
Како последица на тоа, како што тврдат извори од МВР, куќата во Куманово во која живее премиерот на техничката влада, Оливер Спасовски, вчера еден час останала без полицаец во стражарската куќичка. Недостаток на луѓе се појавил и на граничните премини Долно Блаце и Јажинце на северната граница и во обезбедувањето на амбасадите на Албанија и на Турција, кои засилено се покриваат по настаните Блискиот Исток.
Министерот Чулев, пак, тврди дека нема такви проблеми.
*Поврзани вести:
Телеграмата на министерот Чулев ја оставила еден час без обезбедување куќата на премиерот Спасовски?
За СДСМ Чулев ја загрозува безбедноста, за ВМРО-ДПМНЕ доаѓа време на професионализација
Чулев бара да се вратат десетици службени возила, Петровска се сомнева во превид на министерот