Вработените во туристичкиот сектор да бидат меѓу приоритетните групи за вакцинирање против ковид-19 со цел да се покаже дека земјата е безбедна туристичка дестинација.
Ова денеска го побара претседателот на Асоцијацијата на хотелиери ( ХОТАМ), Крсте Блажески. Тој, на средба со директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, укажа дека ова барање ќе биде гарант за успешна туристичка сезона.
„Со вакцинацијата на вработените во туристичкиот сектор ќе се даде слика дека ние сме безбедна дестинација и во сезоната 2021 секој гостин, домашен или странски да се чувствува безбедно. Што поскоро да се донесе вакцината и да се почне со вакцинирање“,
порача Блажески.
На средбата, посочи, ќе биде побарано да се дополнат протоколите за поголема безбедност на гостите.
„Безбедносните мерки околу протоколи за собите постојат, но да бидат направени побезбедни. Покрај дезинфекција на собите да се прави и озонирање, како и вакцинација на вработените, кои треба да го прават тоа секојдневно. Потребен е и посебен кол-центар каде што доколку има гостин со симптоми ќе може да се јави и да добие соодветни инструкции. Сакаме да најдеме начин и како да направиме служење на храната со шведска маса“,
нагласи Блажески.
Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, според директорот Јаневски, работи на тоа да ја прикаже земјата како сигурна дестинација за летната сезона што следува.
„Работиме на усогласување на одредени протоколи и нивно подобрување со цел Македонија да биде сигурна дестинација за лето 2021 година. Сертификатите и протоколите ќе бидат дополнително нормирани со сите протоколи во Европската Унија. Со ХОТАМ ќе работиме на подобрување на одредени елементи во работењето на угостителско – хотелиерскиот сектор. Дополнително ќе се потрудиме во 2021 година да имаме подобри резултати од 2020“,
изјави Јаневски.
Со Србија, Албанија, Косово и Турција, нема потреба од ПЦР-тестови и тие слободно може да влегуваат во нашата држава, но рестрикциите од страна на ЕУ и уште позатегнатите протоколи за патување во првиот квартал за 2021 година, не даваат оптимистички резултати.
Приоритет за 2021 година, посочи, е создавање услови за зелени зони и со Холандија, бидејќи за Охрид е многу значајна.
„Очекувам дека од мај ќе почнеме со туристи од регионот што ќе треба да нè посетат. Колку ние да сме спремни сè додека Европа не одлучи дека нејзините граѓани можат да патуваат во трети земји надвор од Унијата, дотогаш ќе имаме потешкотии со враќањето на туристите во нивните матични земји со карантин од 7 и 14 дена, како што е во моментот“,
рече Јаневски.
Враќањето на линијата Атина-Скопје од 15 февруари и најавата за уште неколку авиолинии од одредени дестинации му даваат надеж дека за одреден временски период ќе се стабилизираат поврзувањето на одредени дестинации со авиолинии.