Бизнисменот Трифун Костовски, како главен акционер во „Еуростандард банка“ вели дека лицата против кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвора истрага не се запознаени со тоа и смета дека треба да се идентификуваат со име и презиме.
Според него, отворањето на истрагата е изнуден чин.
„После 6 месечен молк од страна на Јавното Обвинителство излегува во јавноста со наредба за истрага во самата Еуростандард Банка. Моите сознанија говорат дека ова е изнуден чин на Јавното Обвинителство да се појави во јавноста после толку многубројни мои апели. Повторувам, во целата истрага мора да се вклучат и лица надвор од банката“,
вели Костовски најавувајќи дека преку колумна ќе ја запознае јавноста подлабоко со сите игри околу стечајот на банката.
За отворањето на истрагата обвинителството соопшти денеска преку соопштение до јавноста. Оттаму наведоа дека опфатени се четири лица, но не ги објавија ниту нивните иницијали туку само наведоа дека станува збор за лица кои имале посебни права и одговорности во „Еуростандард банка“ АД Скопје.
Тие се осомничени за две дела: предизвикување стечај на банка и продолжено кривично дело перење пари.
