Најалармантно е во Германија и Холандија
Проблемите во сообраќајот поради обилниот снег и исклучително ниските температури кои ги зафатија деновиве Централна и Северна Европа продолжија и денеска.

Најалармантно е во Германија и Холандија.
Денешното враќање на децата во училиштата во Холандија, по паузата поради пандемијата која трае од Божиќ, е одложено.

Претставник на организацијата што раководи со 24 основни училишта во близина на Амстердам за Радио НОС 1 изјави дека нивните училишта ќе останат затворени и денеска бидејќи се очекува хаос на патиштата и во јавниот превоз.


Холандската железница НС објави дека денеска во Холандија се очекува „многу ограничена услуга“.

Со големи проблеми се соочува и Германија, особено во сообраќајот, кој е прилично отежнат. Поради снегот и мразот, некои автопати се затворени бидејќи има блокади од камиони кои останале заглавени при искачувањата.
Германската железница „Дојче бан“ објави дека сообраќајот сѐ уште е во прекин во делови од Централна и Северна Германија и дека возовите на долги релации не сообраќаат на правците североисточно од Франкфурт, западно од Берлин или југозападно од Хамбург.