Лидерот на опозицијата тврди дека власта нема поддршка од 62 пратеници што го покажало гласањето за интерпелацијата на Димитров, додека генералниот секретар на СДСМ вели дека парламентарното мнозинство е стабилно
Каде исчезнаа седумте пратеници на власта кои пред шест месеци го гласаа изборот на Никола Димитров, а пред некој ден на интерпелацијата ги немаше, праша денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, посочувајќи дека ова покажало дека власта нема поддршка од 62 пратеници.
„Она што се покажа на интерпелацијата на Димитров е дека Заев ја нема довербата од 62 пратеника. Што значи, ако денеска би се гласала доверба на Владата, тој нема да помине, затоа што ќе има само 55 пратеника. Да не тие шест или седум пратеника гласаат друго парламентарно мнозинство или друга влада набргу од денес?“,
изјави Мицкоски во Чојлија.
Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски од Штип одговори дека парламентарното мнозинство е стабилно.
„ВМРО – ДПМНЕ пред се треба да се реорганизира, трансформира, модернизира, за да има позитивен пристап кај граѓаните, за да има коалициски капацитети и за граѓаните да препознаат нешто во нив. Засега ниту нудат луѓе, ниту нудат програма, ниту нудат проекти и се партија заглавена во криминалот, во обвиненијата и сакаат да ја кочат земјата. Граѓаните јасно пратија порака, Парламентарното мнозинство е стабилно“,
рече Николовски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, пред десетина дена уште еднаш изјави дека неговата партија преговара со пратеници од владејачките партии за „прекројување“ на собраниското мнозинство.
„Тројца пратеници нѐ делат од мнозинство за соборување на Владата. Не мислам дека е невозможно тоа да се случи, да почекаме“,
рече Николоски.
По идејата за влада за национален спас: ВМРО-ДПМНЕ сега крои план за ново парламентарно мнозинство
Вчера, Мицкоски изјави дека треба да се одржат предвремени парламентарни избори, ако е можно, и заедно со локалните, со што ќе се обезбеди стабилно владино мнозинство.