Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека во земјата треба да се одржат предвремени парламентарни избори, ако е можно, и заедно со локалните, со што ќе се обезбеди стабилно владино мнозинство.
„Час поскоро треба да се одржат предвремени парламентарни избори бидејќи ова нестабилно, мало, тенко владино мнозинство покажа дека Македонија е хибриден режим, дека е заглавена во корупција и е на 111-то место. Според сите останати други скали на мерења, по број на странски инвеститори, по пад на економија, ние уназадуваме или сме на дното во регионот“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата „Порше Македонија“.
Тој ја критикуваше Владата дека не знае и нема план како да ја води државата, поради што, како што рече, предвремени избори би донеле ново, стабилно владино мнозинство кое со многу работа, многу откажување, чесни луѓе и чесни политичари кои не се огрешени и заглавени во криминал ќе ја изведат земјата на прав пат.