Сите податоци ги доставуваме до Основното јавно обвинителство кое треба да го направи епилогот на оваа постапка, изјави директорката на УЈП
Злоупотреба на финансиската поддршка од државата за исплата на плати на вработените е направена и за декември. Заклучно со 2 февруари 2021 година, 306 работодавци, кои примиле 1 305 020 денари помош, не ја исполниле обврската кон 922 вработени за исплата на плата. Пратени се опомени до компаниите, а доколку не ја исплатат, ќе следува присилна наплата со блокада на паричните средства на нивните сметки и пренос на средствата на сметките на вработените и уплатните сметки на УЈП, пренесува МИА.
Податоците денеска на прес-конференција ги објави директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, која соопшти дека сѐ уште има компании што не ја исплатиле платата кон вработените, а ја добиле финансиската поддршка, за април, мај, јуни, октомври и ноември.
За октомври, од првичната бројка 179 заклучно со 2 февруари 2021 година, 11 компании не им исплатиле плата на 34 вработени, а добиле поддршка во износ од 579 639 денари. За ноември, од 245 компании првично, бројката е намалена на 24 со исплатена поддршка од 754 452 денари, а кои не им дале плата на 50 вработени.
За април, мај и јуни, како што истакна директорката на УЈП, по постапка за присилна наплата намален е бројот на работодавци кои ја должат платата за овие месеци, и заклучно со 2 февруари за 47 компании не исплатиле плата за 102 вработени, за мај 33 компании за 63 вработени и за јуни 54 компании за 145 вработени.
Лукаревска соопшти дека по спроведени активности на УЈП, намален е бројот на компании што примиле помош за октомври и ноември, а не исплатиле плата.
Вкупниот број на компании што сѐ уште не исплатиле плата за еден, два или за сите три месеци е 109 компании, посочи Лукаревска и додаде дека за овие работодавце се доставени детални податоци во Јавното обвинителство за покренување кривична постапка и кај нив се извршени и контроли во координација со Државниот инспекторат за труд.
Од оние што не исплатиле платата на вработените, а добиле помош, во декември 78 компании се од дејноста трговија на мало кои примиле помош во износ од 2 219 584 денари, а не исплатиле плата на 145 вработени, 44 фирми се од дејноста подготовка на оброци и служење храна кои примиле 223 825 денари и не исплатиле плата на 130 вработени, 26 фирми се од градежништвото кои добиле помош од 944 106 денари и не исплатиле плата на 57 вработени.
Меѓу фирмите што ја злоупотребиле финансиската поддршка се и од транспортната дејност, трговија на големо, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли и услужни дејности.
Лукаревска потенцира дека контроли заедно со ДИТ се спроведени кај сите компании што имаат злоупотреба на државната помош. Дел се завршени, а за дел се чекаат резултати.
„Сите податоци ги доставуваме до основното Јавно обвинителство кое треба да го направи епилогот на оваа постапка“,
рече Лукаревска и додаде дека и претходно е напоментато дека нема да отстапат од тоа дека секој управител што ја злоупотребил поддршката треба да сноси кривична одговорност.
Директорката соопшти дека за април исплатена е поддршка на 19 829 компании за 128 187 вработени, во износ од 1 796 790 667 денари, за мај поддршката е дадена на 20 005 за 119 149 работни места во износ од 1 672 270 224 денари, во јуни биле поддржани 18 176 компании за исплата на плата на 101 604 лица во износ 1 420 356 089 денари, во октомври помош зеле 12 676 компании за 61 831 вработен во износ од 966 278 983 денари, за ноември 13 225 компании за 66 103 вработи во износ од 1 030 830 862 денари и за декември 13 162 компании добиле поддршка за 60 986 вработени во износ од 961 865 357 денари, пренесе МИА.