Полицијата и припадници на БИА влегоа и во ФК Партизан, како и на стадионот на Црвена звезда
Најмалку 17 лица се приведени во Србија во текот на ноќта и претпладнево, под сомнение за злосторничко здружување, киднапирања и убиства. Направени се и претреси на најмалку 30 локации, главно во Белград.
Како што јавуваат српските медиуми, полициски службеници, инспектори и припадници на безбедносната служба БИА во Белград денес ги пребаруваат просториите на фудбалскиот клуб Партизан, по апсењето на Вељко Беливук (Веља Неволја) и Марко Миjковиќ-Марет. Полицијата влезе и на стадионот на Црвена звезда. Тие двајца се уапсени додека оделе да ги запалат возилата кои, како што јавуваат медиумите, ги користеле за извршување на кривичните дела.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин изјави дека 17 члена на организирана криминална група се уапсени во акцијата на Министерството, БИА и Обвинителството за организиран криминал. Тој нагласи дека нема да биде дозволено создавање нов Земунски клан во Србија.
„Уапсени се 17 члена на организирана криминална група, предводена од Беливук и Миjковиќ, за кои имаме основано сомнение за убиства, изнуда, киднапирање и трговија со дрога“,
изјави Вулин.
Заменик-началникот на Управата за криминалистичка полиција Нинослав Цмолиќ рече дека оваа група цело време се криела зад навивачката група на Партизан, иако, како што вели, тие воопшто не се навивачи, туку обични криминалци.
Како што пренесува МИА, станува збор за една од најсилните организирани криминални групи во регионот, блиска до Кавачкиот клан од Црна Гора. Во подземјето со години се води жесток конфликт меѓу Кавачкиот и Шкаљарскиот клан, што беше обележано со низа ликвидации во Србија, Црна Гора, Грција и други земји.