Во интервју објавено на јутјуб-каналот на блогерот Асен Генов, Захариева забележува зошто во Скопје има српски, а нема бугарски културен центар, за лошото инфраструктурно поврзување меѓу двете земји и, како што вели, административните пречки за бугарските компании што сакаат да инвестираат тука, за тоа како нејзината земја е претставена во македонските учебници по историја…
Не сме среќни што требаше да кажеме „не“, но ние не можеме да го трпиме тоа што се случува таму (Северна Македонија), вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Во интервју во емисијата „Контракоментар“ на блогерот Асен Генов, Захариева е децидна дека Бугарија како членка на ЕУ продолжува да ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан и како неточни и крајно неосновани ги нарече тврдењата дека Бугарија влегува во „белградски“ и „странски сценарија“ запирајќи го влезот на Северна Македонија во ЕУ.

Во однос на позициите на австрискиот канцелар Себастијан Курц и германскиот министер за европски прашања Михаел Рот, дека проширувањето на ЕУ не треба да стане заложник на билатералните спорови и бугарската политика кон С Македонија, Захариева рече дека нерешените прашања треба да се решат претходно и оти Бугарија нема да прави компромис со своите национални интереси.
Во подолгото интервју, кое е објавено на Јутјуб, Захариева одговара и на прашањата за забелешките во однос на изучувањето на српскиот јазик кај нас, за лошото инфраструктурно поврзување меѓу двете земји и, како што вели, административните пречки за бугарските компании што сакаат да инвестираат тука, за тоа како нејзината земја е претставена во македонските учебници по историја.
„Бугарската влада не реагираше официјално за изучувањето на српскиот јазик во С Македонија, бидејќи тоа е внатрешно прашање, ние не можеме да се мешаме за воведувањето српски јазик и отворање нивни културен центар, тоа е внатрешно прашање. Само сакаме да има и бугарски културен центар“,
рече Захариева.
Според неа, единствената нација во учебниците по историја во Северна Македонија што е претставена како фашистичка е бугарската.
„Јас не мислам дека бугарскиот народ е фашистички народ. Тогаш и Италијанците и Албанците, исто така, треба да бидат посочени како фашисти, затоа што и тие биле сојузник во оној историски момент на Германија“,
рече Захариева.
Но, им се заблагодари на властите во Скопје за затворање на фејсбук-групите што ширеа говор на омраза против Бугарија истакнувајќи дека е најважно да се смират емоциите и дека двете земји ќе загубат ако не се решат проблемите.
Целото интервју на Захариева може да го погледнете во видеото подолу.